Алијансата на Албанците смета дека “не се веродостојни“ резултатите од пописот

„Алијансата на Албанците искажува резервираност околу веродостојноста на процесот на пописот. Не е за верување и бројката од само 12 проценти граѓани во печалба, ниту тоа дека околу 8,5% од вкупното население и резидентното население не ја знаат својата национална припадност.“ – ова е првичната реакција на опозициската Алијанса на Албанците по денешното објавување на резултатите од пописот, која ја соопшти нејзиниот пратеник Халил Снопче, а пренесува информативниот портал на албански јазик „ин7“.

„Ин7“ ги пренесува ставовите на Алијансата на Албанците, искажани од страна на Халил Снопче: „Алијансата на Албанците ја изразува својата резервираност во поглед на веродостојноста на процесот на пописот, особено во два дела: повеќе од 132 илјади граѓани се импутирани и непријавени на терен, додека проценуваме дека бројката од околу 260.000 граѓани, кои живеат во странство, не соодветствува со реалноста и податоците објавени досега од меѓународни организации.“

„Овие две точки покренуваат многу дилеми за тоа како е извршен пописот на споменативе лица: дали биле вклучени сите граѓани, или имало селекционирања?“

„Не може да се смета како веродостоен пописот каде што околу 8,5% од вкупното население и резидентното население не ја знаат својата национална припадност. Не е за верување ниту бројката од 12 проценти граѓани во печалба, оти многу организации како Светска банка и Еуростар постојано повторуваат дека најмалку околу 30 отсто од граѓаните на Македонија ја напуштиле земјата во последните децении.“

„Треба да се разјасни и противречноста на директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, кој по завршувањето на пописот изјави дека се регистрирани вкупно два милиона и 37 илјади жители, додека според резултатите објавени денеска има 2 милиона и 98 илјади резидентни и нерезидентни жители. Пописот завршил на 30. септември лани и се поставувап прашањето: од кај се најдоа овие 60 илјади граѓани повеќе по завршувањето на процесот на пописот?“

„Алијансата на Албанците ќе ги разгледа пописните резултати и наскоро ќе објави своја детална анализа.“