Нормално е Ковачевски да го кажува тоа што сака да го слушне Ахмети бидејќи во таа Влада поголем фактор е ДУИ отколку СДС, Амети е како стопан, а Ковачевски е послушникот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како одговор на новинарското прапшање што мисли за изјавите на премиерот според кои лоша е идејата да се формира широк фронт на Влада без (против) ДУИ. До официјална Софија Мицкоски упати порака да си ја гледа сиромаштијата на народот и порача дека нема да има измени на македонскиот Устав.
Мицкоски додаде дека Ковачевски не е избран од народот и дека затоа е послушник на претходникот(Зоран Заев, н.з.) кој го поставил на таа позиција, како и на Ахмети, кој што му овозможува ден повеќе да остане во фотелјата и да ги ужива привилегиите кои ги црпи од граѓаните и државата.
„И, тоа што ќе му каже Али, тоа ќе го изјави Димитар Ковачевски. Човекот во политиката е поставен,тој не е избран. А сега, го слуша оној кој што му овозможува ден повеќе да остане во фотелјата за да може да ги ужива привилегиите кои што ги црпни на сметка на граѓаните и на сметка на државата. Тоа е суштината за неговото политички функционирање и мислам дека тоа е многу лошо“, изјави Мицкоски и повтори дека и заради тоа треба да се оди на избори.
Во врска со односите со Бугарија и последните случувања на таа релација Мицкоски упати порака до македонската власт да престане со аматеризмот, аналфабетизам и егзибиционизам.
„Уставни измени во овој состав на парламентот нема да има затоа што овој состав на парламентот нема да работи под, условно кажано, бугарски диктат, договорот го преговараа и го договараа и покрај тоа што понудивме помош во тој преговарачки процес. Ако се сеќавате после таа моја прес конференција мислам дека беше април-мај бев одбиен од страна на владата на ДУИ, поддржана од СДСМ со изговор дека не им е потребна помош. Преговараа и договораа анекс на договорот за пријателство и добрососедство, а притоа не можат да го исполнат тоа што го договорија бидејќи очигледно е дека тие услови кои што во минатото важеа, во овој пратенички состав нема да важат и нема да бидат исполнети. Тоа му е јасно и на Ковачевски, тоа му е јасно и на Али Ахмети, тоа е јасно на сите. Ние не излеговме на избори пред граѓаните да ветуваме уставни измени. Ќе повторам ги предупредивме да не го потпишуваат тоа, да не влегуваат во авантура и да не наметнуваат дополнителни услови за граѓаните за да може ова држава да отпочне преговори со членство со ЕУ, рече Мицкоски.
„Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија, наспроти тоа да градат кампања на тоа кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците, затоа што изминативе 30 години, за 30 проценти е намален бројот на жители во Бугарија и тоа не случајно тие бегаат надвор од Бугарија и покрај што се тие земја членка на Европската Унија, затоа што немаат доверба во политичарите таму, гледаат дека наместо да работат за интересите на бугарските граѓани, работат за личните интереси и се богатат, нешто слично што се случува и овдека, она што го работи владата на ДУИ поддржана од СДСМ. Политичарите треба да разберат дека треба да бидат во служба на народот и да бидат слуги на народот, а не да работат само за своите лични интереси и да ги задоволуваат своите хедонистички потреби“, заклучи Мицкоски.






