Али Ахмети во канџите на „хибридните“

Али Ахмети многу добро знае дека го почитувам огромниот учинок на ДУИ и неговиот личен придонес за реализацијата на албанската национална кауза во Македонија.



Во овие две децении, во кои Ахмети е активен политичар со практично најдолг стаж, оваа земја целосно се промени. Македонија денес е билингвална федерација. Претставеноста на Албанците во јавните институции достигнува и до неверојатни 40 отсто. Лидерот на победничката албанска партија ја контролира Владата во која ионака има повеќе министри Албанци одошто Македонци.

Ова се ноторни факти.

Сум пишувал за нив, сум говорел јавно, а сме зборувале за овие нешта и со Ахмети, на нашите тет-а-тет средби.

Ахмети и албанската кауза

Знам дека на многу луѓе не им се допаѓа кога со овој маестрален учинок ја објаснувам моќта на ДУИ и на нејзиниот лидер, но тоа е вистината. Во овие три децении независна Македонија, националната кауза беше единствената релевантна предизборна агенда за албанските партии и лидери. Ахмети ѝ се посвети и со калашников и со политичка активност. Тоа од него направи неспорен лидер на Албанците во оваа земја.

Али Ахмети исто така добро знае дека јас лично и медиумите со кои сум раководел никогаш не сме заземале страна во внатрешните судири во албанскиот политички блок. Така било и кога станувало збор за судири меѓу ДУИ и албанските опозициски партии, но и кога сме биле сведоци на фракциски борби меѓу интегративците. Како сега со „огнените“. Можеби не сум бил секогаш целосно успешен во наметнувањето на мојот став како уредувачка политика (тоа сепак не е толку едноставно), но мојата насока до колегите секогаш била кристално јасна – не е фер Македонците да ги уредуваат политичките релации меѓу Албанците и да навиваат во битката за премоќ во тој политички блок.

Некои мои пријатели Албанци, меѓу кои ќе го спомнам драгиот Џевдет Хајредини, често ме критикувале за тој став и го доживувале како отворена поддршка за ДУИ и за Ахмети. Не знам, немам доволно силни аргументи да се спротивставам на таа теза. Настрана што Џевдет има стекнато право неограничено и брутално да ме критикува…

Што беше тоа беса?

Али Ахмети веројатно се сеќава и на една друга работа. За време на еден од нашите разговори во четири очи, кога стана збор за македонско-бугарските односи (беше тоа за време на пандемијата, далеку пред францускиот предлог), тој ми рече дека разбира дека прашањето е чувствително за нас Македонците и дека затоа Албанците нема да бидат тие што ќе ги уредуваат нашите односи со Бугарите и ќе наметнат решение.

Тогаш неговиот став го сфатив како дадена беса. Беса што тој ја погази.

Денес албанските политички асови, нивните министри и нивните пропагандисти во медиумите, измислуваат некакви лажни европски фронтови, од кои ги исклучуваат мнозинството Македонци, за кои јавно и безочно лажат дека биле кочничари на патот кон Европа, дека се под руско влијание и слични будалштини. Денес тие луѓе ни се закануваат со изолација на земјата, со нови илјадници бугарски пасоши за Македонците и со меѓуетнички тензии.

Нека знае Али Ахмети дека дури и овој жесток фаул би го разбрал како некаква политичка агенда, та дури и како дел од албанската национална кауза – не би го прифатил тоа објаснување, секако, но ете би го разбрал – доколку секојдневните настани не нѐ упатуваат на помислата дека следната пресудна точка во вистинската агенда на ДУИ, всушност, е целосна доминација на албанското политичко водство во сите сегменти на политичкиот и економскиот живот на Македонија.

Не зборувам тука за секојдневните големи и мали скандали во кои се инволвирани министри, градоначалници и други јавни службеници од ДУИ. Тие скандали јас ги проследувам со пословичната воздржаност за која говорев. Бидејќи за мене беса е беса.

Во која ЕУ земја го има ова?

Зборувам за начинот на кој ДУИ, на пример, ја менаџира најголемата странска инвестиција во Македонија, нашиот Маршалов план, која ќе тежи повеќе од 1,3 милијарди евра, автопатот што ќе го гради американската компанија „Бехтел и Енка“, по рекордно висока цена и без тендер, со парите на македонските даночни обврзници. Целосно под контрола на ДУИ. Кој одлучил така да биде? Американците?

Зборувам за фактот дека лани бизнисмен и пратеник од ДУИ добил неверојатни 413 тендери во нафтениот бизнис, со што се кандидира за Гинисовата книга на рекорди. Како е тоа можно? Не ли малку претерано и провидно?

Зборувам и за фактот дека ДУИ со премолчување охрабрува поведение на население кое организирано ја бојкотира компанијата за дистрибуција на електрична енергија и кое поставува сопствени услови за тоа како и колку ќе ја плаќа потрошената струја. Според кои стандарди на ЕУ е ова поведение? Во која друга европска земја го има овој безобразлук?

Накусо, зборувам за општата перцепција дека сме сведоци на активности на една партија и на една влада што е под нејзина директна контрола, за креирање системски и секакви други можности за целосна доминација на албански политички и бизнис моќници во вкупните економски текови во Македонија.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/ali-ahmeti-vo-kan-ite-na-hibridnite/