Кетрин Хол, виш предавач на Медицински факултет при Универзитет во Отаго, Нов Зеланд, ја разбранува научната јавност со нова теорија за смртта на Александар Македонски, според која тој починал од невролошко нарушување шест дена подоцна од официјалнo утврденото.



Наспроти досегашните дебати на историчарите во кои како причина за неговата смрт се посочуваа маларија, тифус, труење со алкохол па сè до атентат од некој од неговите ривали, Хол претпоставува дека најголемиот војсководец во историјата починал од синдромот ГБС. Според неа, тоа што телото на 32-годишниот македонски крал не се распаднало шест дена, од што античките Грци заклучиле дека тој не е обичен човек, туку бог, се должело на тоа што тој сè уште не бил умрен.

Повеќето теории досега се фокусираа на агонична треска и на стомачните болки од кои страдал Александар во последните денови од животот, а Хол тврди дека ГБС, ретко, но сериозно автоимуно нарушување во кое имунолошкиот систем ги напаѓа здравите клетки во нервниот систем, може да ја објасни оваа комбинација на симптоми подобро од другите теории за неговата смрт. Таа верува дека тој можеби го добил нарушувањето од инфекција со Campylobacter pylori, вообичаена бактерија во тоа време. Според Хол, Александар најверојатно добил варијанта на ГБС што предизвикала парализа без да предизвика конфузија или несвест. Оттаму и нејзиниот заклучок дека тој можеби не умрел тогаш кога другите помислиле.

Таа тврди дека растечката парализа што ја претрпел Александар, како и фактот дека на неговото тело му требало помалку кислород додека умирало, би можело да значи дека неговото дишење било помалку видливо. Бидејќи во древните времиња лекарите се потпирале на присуството или на отсуството на здив, наместо пулс, за да утврдат дали пациентот бил жив или мртов, Хол верува дека Александар можеби бил лажно прогласен за мртов пред тој навистина да умрел.

„Сакав да стимулирам нови дебати и дискусии и можеби да ги преработем историите со тврдењето дека вистинската смрт на Александар е шест дена подоцна од претходно прифатената“, вели Хол во соопштението на Универзитетот во Отаго. „Неговата смрт можеби е најпознатиот случај на псевдотанатос или лажна дијагноза на смртта, забележан некогаш“.