Албанските опозициски партии и официјално ставија потпис на коалицијата која ќе и се спротивстави на владејачката ДУИ на претстојните претседателски и парламентарни избори. Официјалната церемонија почна со интонирање на химната на Република Албанија во салата во која немаше ниту едно државно обележје а потоа пред присутните се обратија лидерите на партиите кои ја сочинуваат коалицијата – „Демократско движење“, „Алијанса за Албанците“, „БЕСА“ и „Алтернатива“, Изет Меџити, Арбен Таравари, Биљал Касами и Африм Гаши како и советникот на косовскиот премиер Беким Ќоку – пренесе Телма.
„Денеска се официјализира соработката помеѓу албанските опозициски партии првпат после 2011 година кога Албанците генерално гласаат за промени, но не успеваа опозициските партии да најдат заеднички јазик да соработуваат. Јас сум многу среќен што потпишавме Декларација за соработка и се надевам на 8 мај ќе се случи долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок“ изјави ,Арбен Таравари претседател на Алијанса за Албанците.
Во своите обраќања четворицата лидери на партиите нагласија дека промените доаѓаат и дека ДУИ ќе ги загуби овие избори и дека денес е денот која почнува нова ера на албанската политика во Македонија.
По официјализирањето на коалицијата беше промовирана и заедничката декларација каде како програмски столбови се наведени членство во ЕУ и продлабочување на соработката со ЕУ и НАТО, борба против криминалот и корупцијата целосна рамноправност меѓу Македонците и Албанците стратегија за враќање на иселениците и радикални реформи за подобрување на животниот стандард.





