Албански интелектуалец на страна на Бугарија а против ВМРО-ДПМНЕ

„Резолуцијата на ВМРО ДПМНЕ е етнонационалистички политички памфлет, исполнет со ароганција и агресивност во политичкото комуницирање со Бугарија. Собранието треба да се ослободи од овој вид неплодна политичка комуникација, која содржи и ултиматум за политичките партии. Албанците и нивните политички партии немаат интерес да ја поддржат Резолуцијата, која ментално заостанатата партија ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот лидер Мицковски се обидуваат да ја продадат како национален меморандум.“ – вакви оценки за Резолуцијата на ВМРО ДПМНЕ за „црвените линии“ на Македонија во преговорите со Бугарија изнесува Шаќир Ислами, колумнист на весникот на албански јазик „Коха“ во својата колумна под наслов „Политичкиот памфлет на ВМРО ДПМНЕ“.



Ислами пишува: „ВМРО ДПМНЕ и натаму јава врз етношовинистичкиот национализам, потрошен од забот на времето. Оваа ментално заостаната партија наметнува во Парламентот документ во облик на Резолуција, со кој ‘ќе се определат црвените линии’ на државата с.Македонија во обидите да се постигне договор за пријателство со соседна Бугарија. Самиот тон на овој памфлет е агресивен и арогантен. Човек може да помисли дека овој документ го изготвила некоја суперсила на Балканот, а не нашата држава со кревка мускулатура. Зошто се случува ова смешно политичко комуницирање со ароганција и без такт на добро однесување и без почитувања на соседите?“

Авторот на колумната натаму дополнува: „До вчера Бугарија имаше многу позитивен однос и многу љубезно комуницирање со нашата земја. Политичкото комуницирање на нашата земја кон соседите е оцрнувачко и со презир. Нашата земја секогаш го пресметувала својот однос кон Бугарија од аспект на сопствените односи со Србија. Од ова размислување произлегува проблемот на нашата земја во односите со нејзиното соседство. Во врска со оваа појава во политичкото комуницирање меѓу Бугарија и нашата земја Србите имаат една многу погодена изрека: ‘Јас те крстам, а ти ми прдиш! Бугарија уште од првиот ден на независноста настојуваше да не распне на крст, а македонската политичка елита (не албанската политичка елита) постојано одговараше со едно комуницирање во форма на неблагодарни, несоседски и нељубезни прдежи. Оваа појава е вкоренета во македонскиот политички менталитет.“
Тврдејќи дека „од оваа резолуција одекнува груб и заповеднички јазик“, колумнистот го истакнува и следново: „Ако се прочита Резолуцијата внимателно, ќе се забележи јазик преоптоварен со чувства. Тоа го води кон ќорсокак сиот процес на преговори. Оваа резолуција е многу повеќе ултиматум за политичките партии наместо да се оди на постигнување консензус меѓу страните. Ултиматумот изразен преку резолуцијата се стреми да го држи Собранието во заложништво и да се троши напразно политичка и општествена енергија. Собранието мора да се ослободи од овој вид неплодна политичка комуникација.“

Ислами смета дека „Резолуцијата е иста форма на комуницирање како што се случи со недоразбирањата со Грција“ и додава: „Три децении беа попусто потрошени. Оваа резолуција ја враќа политичката комуникација оптоварена со емоционален јазик, како што се случи со грчката страна. Иако во овој документ се споменуваат авторитети како МАНУ, УКИМ и МПЦ, тој е е едноставно етнонационалистички политички памфлет, кој Мицковски се обидува да го продаде како национален меморандум.“

„Овој политички памфлет воопшто не ги споменува Албанците и нивната улога во функционирањето на оваа заедничка држава. Исто како што Албанците беа избришани во зулумќарскиот, насилнички устав од 1991-вата година, така и овој политички памфлет на ВМРО ДПМНЕ продолжува со игнорирањето на албанскиот политички фактор, кој е претворен во обична политичка патерица, за да се реализираат политичките хегемонистички амбиции, еднаш на СДСМ, еднаш на ВМРО ДПМНЕ. Тогаш, зошто Албанците да го поддржат овој политички памфлет? “ – заклучува во својата колумна Шаќир Ислами во свиојата колумна, која ја објавува „Коха“.