Вчера во Тетово, на одбележувањето на 28 ноември, Денот на албанското знаме и на прогласувањето на независната албанска држава пред 111 години, трите партии од албанската опозиција Демократското движење, Беса и Алтернатива конечно ја обелоденија својата заедничка платформа, врз основа на која ќе дејствуваат: тие ќе бараат „рамноправност меѓу двата државотворни народа, што подразбира укинување и отстранување на уставните дефиниции за националните права“. Најконкретно кажано, ова значи дека овие партии јавно ја прокламираа својата цел: сегашната се уште, барем формално, унитарна Република Македонија да се редефинира како двонационална држава, како држава на македонскиот и на „албанскиот државотворен народ“. Ова е отворање на патот за федерализација на Македонија во најбрз временски рок.
Една од најважните „стратегиски и програмски определби“, „укинување и отстранување на уставните дефиниции за националните права“, содржана во заедничката декларација, укажува токму на тоа: дека Албанците од Македонија повеќе нема да си ги бараат своите „уставни национални права“, откако ним би им се признал, односно откако со уставните промени ним би им се променил статусот во постојниот устав: од етничка заедница во „државотворен народ“. Во ваква претпоставена, програмски веќе зацртана ситуација, откако би се укинале сегашните „уставни дефиниции за националните права“, Албанците повеќе нема да имаат потреба да си ги бараат своите национални права, оние за кои сметаат дека се уште ги немаат, туку ќе си ги дадат самите на себе во Македонија, замислена како двонационална федерација.
Големата политичка тежина на овој своевиден „федерален проект“ на здружената албанска опозиција произлегува и од фактот што таа вчера и официјално доби поддршка од владејачката косовска партија Движењето Ветвендосје („Самоопределување“ и од неговиот лидер Албин Курти – „премиерот на сите Албанци“. Но, Ветвендосје и Курти лично најавија отворање нивен „политички центар“, односно партија Ветвендосје и во Македонија, со намера да учествува на претстојните парламентарни избори и потоа да ја преземе власта, или да учествува во неа. Тоа значи дека и косовското Ветвендосје и Албин Курти се вториот дел од планот за трансформирање на Македонија во двонационална федерација, ако им успее.
Инаку, еве што објави вчера информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА: „Заедничката декларација на Демократското движење, Беса и Алтернатива, што ја потпишаа денес во Тетово нивните лидери Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши содржи стратегиски и политички определби, како и заклетва за нивно оживотворување.“
„Зачленување во ЕУ и продлабочување на партнерството со САД, борба против криминалот и корупцијата на уставно рамниште, квалитет во образованието, рамноправност меѓу двата државотворни народа, што подразбира укинување и отстранување на уставните дефиниции за националните права, подобрување на животниот стандард и преиспитување на платите во јавниот сектор, рамноправен регионален развој и политичка програмска насоченост кон враќање на квалификуваните печалбари.’ – ова се наведува во точките на заедничката усвоена декларација на албанската опозиција, здружена во Европскиот сојуз за промени.“




