Албанската опозиција се закани дека нема да има избори во општините, со кои раководи, ако не добие место во ДИК!

Без учество на албанската опозиција во Државната изборна комисија не може да има избори!“ – кажа лидерот на опозициската Алтернатива Африм Гаши по жестоката расправа во Комисијата за избори и именувања на Собранието во врска со изборот на еден член на Државната изборна комисија. Искажувајќи го овој став на својата партија, кој е став и на сиот Европски сојуз, Гаши е категоричен дека местото на еден член на Државната изборна комисија ѝ припаѓа на албанската опозиција, односно на Европскиот сојуз за промени.



ТВ Алсат пренесува: „Разбирам дека можете да играте политички игри со работи, кои можат да бидат толкувани политички, кои не се јасни, за нешта со две смисли и значења. Но, да правите вакви манипулации за работи, кои се уточнети со закон! Секој граѓанин, сите без исклучок, ако ги прашате кому му припаѓа местото член на Државната изборна комисија, ќе ви одговорат дека ѝ припаѓа на албанската опозиција. Навистина е лудо ова што се случува!“ – дополни Африм Гаши.

Инаку, лидерот на опозициската Беса Билал Касами во интервју за Алсат предупреди дека нема да има избори во „албанските општини“, односно оти ќе биде спречено одржувањето на изборите во општините, со кои раководат трите албански опозициски партии.

„Ако Собранието не го реши ова прашање до крајот на оваа календарска година, тогаш од 1 јануари 2024 година Европскиот сојуз за промени ќе ги бојкотира активностите на Собранието со своите пратеници. Но, ќе се продолжи и со други чекори во насока на блокирање на работата на Собранието, во насока на отворени протести… и неможност да се организираат изборите во албанските општини. Главната инфраструктура во организацијата на изборите ја обезбедуваат општините: општинските објекти, училишните објекти, целата локална инфраструктура и секоја локација каде што се наоѓаат институциите на локалната власт.“ изјави Билал Касами, претседател на Беса.