Компанијата „Еуровиа“, која е сопственост на синот и внукот на покојниот секретар на ДУИ Абдилаќим Адеми, добила уште тендер од над еден милион евра за трасирање на дел од канализацијата во Арачиново – соопшти архитектот Реџеп Асани во името на опозициските албански партии – Демократско движење, Алтернатива и Движењето Беса.
– На „Еуровиа“ ѝ се доделува уште еден тендер во вредност од повеќе од еден милион евра за трасирање на дел од канализацијата во Арачиново. Во конкуренција биле уште две компании, од кои едната со пониска понуда, но токму „Еуровиа“ го доби бизнисот. Прашањето е колку од овој проект ќе оди на сметката на ДУИ и на СДСМ? Уште колку тендери ќе добие „Еуровиа“ до следните парламентарни избори? На кого му се брза да ги наполни џебовите колку што може повеќе пред да оди во опозиција? Кој ќе бара азил во странска држава по примерот на политичкиот идол Груевски – праша Асани.






