Албанската опозиција нема да учествува во работата на Собранието, следуваат порадикални чекори

Трпението на албанската опозиција е при крај. Апелираа до претседателот на Собранието Талат Џафери да не го узурпира правото на опозицијата да биде застапена во ДИК, но и покрај нивните напори да го почитуваат Изборниот законик, ДУИ по секоја цена измислува пречки како да создаде предуслови за манипулација на изборниот процес, со цел да се ублажи поразот што ќе ѝ се случи на 8. мај.



“Алатката со која ја извршува оваа задача е токму Талат Џафери” – изјавија денеска претставници на Европскиот сојуз за промени.

Како да не се доволни партиските вработувања, наместените тендери, притисоците врз судиите, партиските портали, притисоците врз сите што не мислат како нив, a сега очите им се вперени и во ДИК.

“Затоа, тука сме да изјавиме дека од денеска, пратеничката група на Европскиот сојуз за промени нема да учествува во работата на Собранието, сѐ додека на дневен ред на пленарна седница не се стави нашиот кандидат за член на ДИК, Абдуш Демири. Ова е само првиот чекор. Очекуваме македонската опозиција да остане лојална на изјавата дека ќе ја напуштат ДИК доколку албанската опозиција не постави свој член во ДИК. Навистина, заштитата на нашето право за поставување на член во ДИК не е само наш политички интерес, туку со тоа се заштитени и темелите за слободни, фер и демократски избори. Затоа и техничката влада ќе ни биде бескорисна ако ДИК остане некомплетна или соодносот на нејзините членови остане 5:2 во корист на власта”- велат од Европски сојуз.