„Веќе е јасно дека на претстојните парламентарни избори во * Македонија, политичката партија од Косово Ветевендосје (Самоопределување – заб.прев.), ќе го поддржи албанскиот опозициски блок – Европскиот сојуз за промени. Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, една од партиите од овој сојуз најави дека на листата на Европскиот сојуз за промени, ќе има и кандидат на Ветевендосје.“ – објави ТВ 21 во својата вест со наслов „Меџити ја открива формата на соработка со Ветевендосје“.
Овој потег на здружената албанска опозиција е првата официјална потврда дека овојпат на „мала врата“ владејачката косовска партија Ветвендосје и нејзиниот лидер Албин Курти, премиер на Косово и „премиер на сите Албанци“, како што го прогласи лидерот на Беса Билал Касами, и официјално влегуваат во политичкиот живот на Македонија. Но и со зацртана цел и стремеж да се вмешаат во освојувањето на дел од извршната власт, ако победат албанските опозиционери.
„Ветевендосје се обидува да ја прошири својата власт и и во * Македонија.“ – објави минатиот месец на својот фејсбук-профил Далип Рушити, кој е, „член на Централното претседателство на партијата Движење Илирида“. Тогаш Рушити напиша: „Движењето Ветевендосје ја проширува својата активност и во * Македонија. Премиерот Албин Курти го најави почетокот на Ветевендосје и во * Македонија. Политички субјект како ‘Движењето Ветевендосје’ може да учествува на парламентарните избори во * Македонија. Се очекува оваа партија во * Македонија да ја предводат Беким Ќоку и Блерим Река.“ Вчерашната изјава на Изет Меџити директно го потврди тоа навестување на Рушити.
Во една емисија, поставена и на видео-платформата јутуб, Далип Рушити јавно призна дека „Движењето Илирида соработува со Бугарите“. Оваа партија, која се уште не се појавува официјално на албанската политичка сцена во Македонија, својата политичка програма ја засновува врз „референдумот за политичко-територијална автономија на Албанците од 1992 година“ и за „основање Република Илирида“ во западниот дел на Македонија.
Останува засега нејасно од која причина Далип Рушити од „Движењето Илирида“ го најави „преземањето на власта во Македонија од страна на Ветвендосје од Косово“. Дали и и какви можни соодноси би имале Движењето Илирида и Движењето Ветвендосје во своите можни натамошни активности во Македонија? Во една точка нивните политички програми се совпаѓаат: прашањето на „националното самоопределување на Албанците“ и „формирањето свој автономен албански државотворен ентитет во федерализирана Македонија“. Токму затоа се бара во планираните промени на уставот на Македонија: покрај „бугарскиот државотворен и конститутивен народ“, во преамбулата да се впише и „албанскиот државотворен народ во Македонија, кој е автохтон на своите албански етнички територии“.
Поранешниот пратеник во Парламентот на Македонија Беким Ќоку од Струга е моментно политички советник на Курти за Македонија и во медиумите на албански јазик и на фејсбук истапува во својство како „официјален претставник на Ветвендосје за * Македонија“.





