Државјанин на Македонија од албанска националност, на возраст од 42 години, ја убил својата 39-годишна сопруга, исто така македонска државјанка, по што самиот се пријавил во швајцарската полиција, која веднаш го привела.
Во петокот наутро кантоналната полиција од Тургау пронашла мртва жена во стан во Ерлен, за што претпоставувале дека е убиена. Маж по 11 часот се јавил во кантоналниот центар за итни случаи и пријавил дека смртно ја ранил сопругата. Уапсен е на самото место, при што не давал отпор, соопшти кантоналната полиција на Тургау. Јавното обвинителство покрена кривична постапка, а полицијата почна истрага.
Извори на albinfo.ch потврдуваат дека станува збор за брачна двојка Албанци од Македонија, која има три ќерки тинејџерки.
Изгледа дека во последните денови имало повеќекратни расправии меѓу двојката, вели роднина, според која бил неминовен развод меѓу нив. Мажот од неодамна не можел да работи поради болест.
„Тоа му пречеше“, објаснува роднината. „Порано беа многу среќни, многу се смееја. Но, во последните недели односите меѓу нив се влошија“.
„Во шок сме“, вели сосед, кој го опишува осомничениот како „чесна, пријатна и нормална личност“. „Често се смееше и беше добро расположен. Но, во последните неколку дена тој се промени. Престана да нè поздравува и едвај зборуваше“.






