Албанец од “Црната листа” на САД може да решава за идната влада во Тирана

Контроверзниот лидер на Социјалдемократската партија (ПСД) Том Доши може да биде решавачкиот фактор за формирање на идната влада по денешните избори во Албанија.



Со оглед на тесната битка меѓу Социјалистите и Демократите кои најверојатно нема да можат да владеат сами без коалициони партнери токму човекот од црната листа на Америка може да му донесе мнозинство и влада на Еди Рама но и на Демократите.

Претседателот на партијата која ќе освои најмалку еден пратеник, Том Доши, е бизнисмен и поранешен член на Социјалистичката партија.

Тој беше исклучен од пратеничката група на Социјалистите во 2015 година откако ги критикуваше премиерот Еди Рама и тогашниот претседател на парламентот Илир Мета.

Доши тогаш тврдеше неговата глава била уценета на 200.000 евра а објави и видео на кое разговара со атентаторот, за кого тврдеше дека бил платен за да го убие.

Во 2018 година, Стејт департментот на САД му забрани влез во земјата за наводна вмешаност во „значителна корупција“, нешто што Доши го негира.

Во пресрет на изборите Доши едвај доби дозвола од албанската изборна комисија да се кандидира а американската амбасадорка во Тирана Јури Ким рече дека не смее да му се дозволи да се кандидира бидејќи тој е „модел што не треба да биде репрезентативен на албанскиот народ“.

Со едно или две пратенички места Доши најверојатно ќе дојде во ситуација со него да преговараат и актуелниот премиер Еди Рама и лидерот на опозицијата Љуљзим Баша на кои им требаат 71 пратеник за формирање на влада.