Албанските граѓани продолжуваат да водат во однос на другите граѓани од земјите од Западен Балкан за големиот број барања за азил во земјите на Европската унија, пренесува Гласот на Америка.



Според последниот извештај на Европската агенција за азил, објавен во петокот, Албанците само во текот на месец ноември 2023 година поднеле околу 892 барања за азил во земјите на Европската унија.

По Албанците следуваат граѓаните од Македонија со 711 барања, граѓаните од Србија кои поднеле 507 барања, од Косово со 281 барање, од Босна со 127 барања и од Црна Гора со 30 барања за азил.

Според извештајот, тенденцијата на сите граѓани од Балканот е да бараат азил во три земји од Европската унија: Франција, Германија и Италија.

Но, според извештајот, прифатени се само 0,55 отсто од разгледаните барања од Албанци, додека ниту една од балканските земји не надминува 1 отсто од прифатените барања за азил.

Европската агенција за азил соопшти дека во ноември земјите од Европската унија примиле 118.000 барања за азил.

Додека за периодот од јануари до ноември 2023 година, барањата за азил во земјите на Европската унија достигнаа над 1 милион, ниво што потсетува, според Европската агенција за азил, на бегалската криза од 2015-2016 година.

Во ноември 2023 година, Германија ја задржа својата позиција како главна дестинација за баратели на азил во земјите на Европската унија, при што прими речиси една третина од сите барања за азил што беа поднесени во земјите на Европската унија.