Клуч на врата на една ноќна служба во главниот град поради недостиг на медицински кадар. Наместо 7, скопјани во ноќните часови лекарска помош ќе бараат во 6 дежурни пунктови. Според информации на Сител, Здравствен дом Скопје ќе биде принуден на овој чекор бидејќи нема кој да ги прегледува пациентите. Веќе 2 години најголемата здравствена установа во земјата не добила ниту едно одобрение за вработување. Фалат доктори, сестри, технички кадар и оперативци за 112.
– Имаме потреба од 300 вработувања, од нив 200 се лекари и медицински сестри. Доставено е барањето до МЗ тие знаат за ова. Не верувам ни дека до крајот на годината ќе добиеме, но барем следната година да биде нешто реализирано, вели д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје.
Од Министерството за здравство потврдија дека има барања за вработувања но тие само ги проследувале до Министерството за финансии, кое засега не дава одобрувања. Инаку, во скопските поликлиники фалат специјалисти од сите профили а најзагрозена е трудова медицина.
– Трудова медицина имаме само еден специјалист, двајца отидоа на субспецијализација за пулмоалергологија, недостига кадар и во офталмолофија, рендгнен кабинетите, вели Исјановски.
Нема само Здравствен дом Скопје потреба од медицински кадар. Сестри и технички персонал недостига и во ГОБ 8-ми септември, а во некои градови воопшто нема специјалисти во здравствените домови. Пензионирањата и заминувањето на голем број медицински сестри во странство остави многу јавни здравствени установи со реорганизации да се снаоѓаат во работењето.
Извор: Сител.мк







