Хаос, нервоза, но и празни шалтери во пасошките одделенија каде граѓаните со месеци чекаат да извадат лични документи. На оние на кои сега им се истечени личните документи, а не можат да добијат термин за да си извадат нови, тешко дека ќе можат да си ја извадат платата или пензијата од банка ако немаат платежна картичка, анализира Алфа. Не може да се аплицира ниту за кредит, ниту пак за зголемување на дозволениот минус. Немањето важечки документ, повлекува и казна, ако на улица ги запре полиција.

Паралелно, со месеци траат проблемите со добивање на термин, а од МВР даваат само ветувања дека проблемот ќе се средел. До тогаш, граѓаните во нервоза само губат време вртејќи на двата броја, а единствено добиваат музика и снимен глас дека “во моментот сите оператори се зафатени“. А на терен операторите ги нема. Шалтерите се празни, а граѓаните се чудат кои од формуларите треба да ги пополнат.
По 12 февуари нема да можете да поминете граница ако на пасошот стои старото име „Република Македонија“. Неважечки ќе бидат и личните карти и ниту една институција нема да ги прифаќа како важечки документ.

Народниот правобранител Насер Зибери, за Алфа вели дека граѓаните кои имаат важечка лична карта, не треба да плаќаат за нова само поради новото уставно име, туку тоа треба да се плати од државниот буџет.
Од МВР пак се правдаат дека се работело со полна пареа. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е убеден дека сите граѓани ќе успеат да ги заменат своите лични документи со нови со новото уставно име до истекот на рокот во февруари в година. За да се забрза процедурата најави отворање на нови пунктови за лични документи.




