Ако Таравари одбие, Касами ќе биде кандидат за претседател од опозицискиот блок на Албанците

Билал Касами ќе биде претседателски кандидат на блокот од опозициски партии на Албанците во Македонија ако Арбен Таравари остане на одлуката да не ја прифати номинацијата, откри лидерот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово во интервју за „360 степени“ на Македонската телевизија.



„Првично беше разговарано да биде господинот Таравари, но не е исклучено, има комбинации и јас да бидам. Господинот Таравари рече дека не е заинтересиран, но ние не разговараме за лични интереси, за лични претензии, туку разговараме за интересот на Албанците за носење промена. Ако заедно цениме дека г. Таравари ќе биде најдобриот кандидат за претседател, јас целосно верувам дека г. Таравари ќе биде подготвен да ја води оваа трка, уште повеќе што во сите разговори што сме ги имале, сите консултации, г. Таравари го истакнуваат како сериозен кандидат да оди во втор круг“, изјави Касами, додавајќи дека разговорот со претседателот на Алијанса за Албанците за ова не е завршен.

Ако Таравари биде кандидат за шеф на државата, тогаш Касами ќе биде носител на листата на Европскиот сојуз за промени во изборната единица 6 и обратно, објасни лидерот на Беса.

Според начелниот договор, носител на листата во „единицата“ ќе биде Изет Меџити од Демократското движење, а во „двојката“ Африм Гаши од Алтернатива.

Беким Ќоку, претставник на Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, иако е од Струга (ИЕ 5), ќе биде на листата на ЕСП во шестата изборна единица.