Премиерот Зоран Заев во интервју за австралиското радио ПБС вели дека влогот е „многу голем“ околу датумот за почеток на преговори со Европска унија оваа седмица и од одлуката зависи владиното мнозинство!
„Премиерот има повеќе лична загриженост. Тоа одложување може да доведе до реакција што ќе ја поткопа неговата коалиција во парламентот и ќе предизвика неговата влада да падне“, констатира репортерот на ПБС, Крис Лајвсеј, пред да го праша Заев во неговиот кабинет во Скопје: „Ќе ви ја урнат Владата?“.
„Да, целосно. Мнозинството ќе исчезне“, одговара премиерот.
„Значи, влогот е голем?“, прашува новинарот.
„Да, многу голем“, вели претседателот на Владата, претходно нагласувајќи дека „следниот чекор е на ЕУ, која мора да донесе одлука. Ние го направивме нашето“.
Заев во почетокот на интервјуто изразува гордост од склучениот Преспански договор со Грција.
„Многу сум горд. За мене, тој е историски. Горд сум. Моите деца се горди. Моите пријатели се горди. Зошто? Бидејќи ѝ помогнав на мојата земја конечно по 28 години да биде дел од современиот западен демократски свет“, изјави тој.




