„Ако оџите помогнат СДСМ-ДУИ да победат на локалните – поголема плата, ако не – бркање од работа!“

„Постојниот поглавар на Исламската верска заедница на Македонија Шаќир Фетаи ветил дека ќе им ги зголеми платите на сите оџи во Македонија, но под услов да го убедат месното население да гласа за СДСМ и ДУИ, за да победат на претстојните локални избори. Ако имамите не се заангажираат за тоа ќе бидат отпуштени од работа и нема да има зголемување на платите!“. Овие обвинувања ги изнесе Илир Р. Топи во својата колумна под наслов „Ако ДУИ не победи, Шаќир Фетаи ќе добие отказ – ќе дојде друг од СДСМ“, која ја објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“.

Топи пишува: „Шаќир Фетаи почна да ги одбројува своите денови како инсталација на македонската Влада на чело на Исламската верска заедница – ИВЗ! Неговата последна станица ќе бидат претстојните локални избори. Случајот на Шаќир Фетаи најдобро сведочи за тоа дека државата седи со скрстени нозе во фотелјата на поглаварот на ИВЗ, оти политичката моќ се вмеша длабоко во организацијата на исламскиот верски живот во Македонија. Македонската власт го донесе на ‘власт’ Фетаи неколку недели пред да се одржат последните парламентарни избори. Тој беше инсталиран политички на чело на ИВЗ на 27 мај 2020 година, а парламентарните избори беа одржани во средината на јули истата година.“

Колумнистот тврди: „Неодамна Шаќир Фетаи фрли голема лага меѓу оџите! Можеби во некое минорно муфтиство ќе го одржи своето ‘ветување’, на двајца – тројца имами ќе им ги зголеми платите, но не и на сите имами во Македонија, како што е ветено! Бидејќи не е во рацете на Фетаи како реис да зголемува, или да намалува плати на имамите! Сепак, тој решил, бидејќи, според него, има пари за тоа! Единствен услов за зголемување на платите е имамите да помогнат да победат двете партии, кои го донесоа на власт – СДСМ и ДУИ! Ако не се ангажираат сите имами во Македонија да го убедат односното население да гласа за овие две партии, тогаш ќе бидат отпуштени од работа и нема да има зголемување на платите!“

Тврдејќи дека „ова е условот што ДУИ неодамна му го наметна на Фетаи: или да се ангажира со сите структури на ИВЗ, за да победи ДУИ, или тој нема да го дочека годинашниов ноември на чело на Исламската верска заедница“, Илир Р. Топи додава: „За ова радикално условување и за ова флагрантно мешање во работењето на ИВЗ ДУИ е принудена, бидејќи е условена од СДСМ: ‘Првиот пат покажавме добрина и го прифативме вашиот предлог, како ДУИ, да го инсталираме Шаќир Фетаи на чело на ИВЗ! Но, ако овој пат изгубиме, тогаш ние, како СДСМ, ќе поставиме наш кандидат во ИВЗ, враќајќи го духот на претходниот реис ул улема Сулејман Реџепи преку неговата фигура деканот на Факултетот за исламски науки Шабан Сулејмани!“

„Ова е објаснувањето и оправдувањето на Фетаи за неговото ангажирање заедно со сите соработници и имами од земјата во таборот на ДУИ. Ова е валкана игра на Шаќир Фетаи и ДУИ – закани кон имамите и разните структури на ИВЗ: или да им помогнат на Фетаи и на ДУИ на претстојните локални избори, или на чело на ИВЗ ќе дојде друга инсталација – Шабан Сулејмани на СДСМ!“ – изнесува авторот Топи во својата колумна, која ја објави „Журнал“.