Ако ни ја замрзнете цената нема да правиме леб – драматична закана од пекарите

Од среда веројатно ќе нема леб. Пекарите се заканија – ако Владата ја замрзне цената на белиот и на полубелиот леб на 33 денари, ќе запреме со производство на се. Се жалат дека и досега работеле со загуби и дека наместо надлежните да им помогна ги туркаат во бездна.



На денешниот состанок компаниите членки на групацијата на мелничко-пекарската индустрија, како што соопшти нејзиниот претседател Горан Малишиќ, донеле едногласна одлука да прекинат со производството на леб од денот кога одлуката на Владата за замрзнување на цената ќе излезе во „Службен весник“.

Од групацијата велат дека доколку мерката за замрзнување на цената стапи во сила индустриските пекарници ќе се соочат со штети од над 10.000 евра на ден.

  • На состанокот на групацијата на мелничко-пекарската индустрија на кој беа присутни 32 индустриски пекарници од цела држава, плус беа присутни мали здруженија на пекарници од мали градови, донесоа едногласна одлука дека не се согласуваат со мерката за замрзнување на цената. Таа мерка ќе им донесе на пекарниците штета и ќе ги доведе до нивно идно затворање. Штетата во зависност од големината на индустриските пекарници би изнесувала од 3 до 15.000 евра на ден. Така што денеска се донесе одлука од сите едногласно и заедно со другите комори кои присуствуваа на состанокот дека дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во ‘Службен весник’ од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот“, изјави Малишиќ.

Од пекарската индустрија се жалат дека од почетокот на кризата Владата постојано носи па повлекува мерки – ограничени маржи, субвенционирана струја, замрзнати цени и дека тие повеќе не можат да го издржат притисокот.

Во саботата министерот за економија Крешник Бектеши најави дека од 1 март ќе биде замрзната цената на лебот на 33 денари. Мерката е на предлог на Министерството за економија поради тоа што анализите покажале дека голем дел од компаниите за прехранбени производи кои добиваа субвенционирана струја, не ги намалиле цените на производите и по три месеци. Конечната одлука треба да ја донесе Владата на утрешната седница.