Доколку по извршување на прегледите и интервенцијата во Здравствената установа и клиниката која ја издала документацијата, осомничениот Драги Рашковски не се врати во својот дом, ќе му се определи мерка притвор, објасниле од Кривичен суд, за Фокус.
По соопштението на МВР дека на поранешниот ген-сек на владата му е дозволено да излегува од домашен притвор во одредени денови, тоа го потврди и Кривичниот суд.
„Основниот кривичен суд Скопје, по добиено барање и доставена медицинска документација за закажани лекарски прегледи и специјалистички упат за лекарска интервенција, а согласно одредбите од ЗКП и Правилникот за куќен ред за извршување на мерките притвор, има издадено дозвола со конкретно определени денови и конкретно определен временски рок во текот на денот, кога на осомничениот Д.Р. му се дозволува извршување на прегледите и интервенцијата“. одговориле од Судот за Фокус.
Рашковски беше уапсен на 16-ти април годинава и од тогаш е во притвор, најпрво во ефективен во одделението во Шутка, а од јуни е во домашен притвор.
За него се отворени две постапки за набавки на софтвери, кои ги заштитил како иновации.







