„Ако нам ни се стемни, барем на Македонија да ѝ се раздени“: 110 години од херојската смрт на костурскиот војвода Чакаларов

На денешен ден во 1913 година кај леринското село Бел Камен во Егејска Македонија во борба со грчките војници загинува костурскиот војвода Васил Чакаларов, член на Македонската револуционерна организација (МРО), под чие водство опстојува најголемата ослободена територија во Македонија по Илинденското востание до 27 август 1903 година.



Чакаларов и неговата чета биле гонети од страна на грчките сили, а на 4 јули 1913 година во Чеган четата била предадена. Тогаш дошло до судир во кој Чакаларов бил полесно повреден, а четата се поделила на два дела. Наредниот ден таа е растурена, тој повторно бил ранет, но успеал да стигне до планината Вич на 8 јули. Чакаларов бил ранет во градите при борбата со грчки војници на 9 јули во близина на Бел Камен. Тука тој загинал и грчките војници му ја отсекле главата и ја однеле во Лерин, каде што на сиот глас викале: „Го нема Чакаларов, ја нема Македонија, го уништивме Чакаларов, а со него и сите Чакаларовци!“.

Чакаларов предводел чета од 450 комити, која заедно со таа на војводата Лазар Поп Трајков ги ослободиле Невеска и Клисура, а на 27 август 1903 година решил да се повлече од костурско за да се заштитат неговите жители од погром од 15-илјадниот турски аскер.

Покрај по храброста, ќе остане запаметен и по пораката: „Ако нам ни се стемни, барем на Македонија да ѝ се раздени“.

Кружниот тек спроти Католичката црква во Скопје од 2013 година го краси споменикот на големиот син на Македонија роден во преспанското село Смрдеш, денешна Грција на 22 февруари 1874 година.