Австралискиот премиер преку медиумите порача дека најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ кој треба да учествива на „Австралија опен“, ќе биде третиран како и сите останати луѓе кои влегуваат во Австралија.



„Ѓоковиќ кога ќе пристигне во Австралија, доколку не е вакциниран, мора да докаже дека не смее да биде вакциниран од медицински причини.

Го чекаме да пристигне, тогаш ќе видиме какви докази ќе приложи. Доколку тој доказ не е доволен, нема да има поинаков третман, туку ќе биде вратен назад со првиот авион. Нема да има посебни мерки за Новак Ѓоковиќ“, рече премиерот, Скот Морисон.

Ѓоковиќ синоќа соопшти дека добил медицинско ослободување за да се натпреварува на натпреварот, кој започнува на 17 јануари. Тој претходно одби да го открие својот статус на вакцинација против Ковид-19.

Јавноста во Австралија гневно реагираа на веста дека на Новак Ѓоковиќ му е дозволен настап на Отвореното првенство на Австралија иако не е вакциниран против ковид-19.

Шефот на турнирот Крег Тајли вчера потврди дека Ѓоковиќ ќе ја брани титулата во Мелбурн откако добил дозвола за медицинско изземање од вакцинацијата, за што аплицирале 26 тенисери. Организаторите тврдат дека Ѓоковиќ не добил специјален третман..

„Австралијците не можеа да добијат изземање за да отидат на погреб или во посета во болница, поминаа месеци во заробеништво, а на елитни здрави спортисти им се одобрува медицинско изземање за да играат на Австралија опен“, напиша спортскиот новинар Шејн Андерсон на Твитер.

Тони Надал, долгогодишниот тренер на Рафаел Надал, вели дека е изненаден од одлуката на Ѓоковиќ да му се дозволи настап.

„Ѓоковиќ има право да ја чува својата медицинска историја во тајност. Верувам дека е свесен дека од коронавирусот починаа шест милиони луѓе и дека ќе ја објасни својата ситуација“, напиша Надал во колумната за весникот „Ел Паис“.