Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, не се согласува дека Македонија нема друга алтернатива освен Европската унија.



„Многу често слушам: ‘Ама ние немаме друго решение. Што да правиме?’. Еве јас прв ќе кажам во Македонија: ‘Што чекаме сега? Што не одиме да си потпишеме со Велика Британија договори за слободна трговија, сè што треба?’ Се одвои ли Велика Британија од ЕУ? Осумдесетмилионска држава. Зошто не ги потпишеме тие договори со нив? Не е само Европската унија. Таа треба да знае дека, ако не ја сака Македонија во Унијата, Македонија мора да бара свој пат на развој“, изјави тој во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.

„И една друга ексклузивна работа, којашто покојниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ ја кажуваше, дека нему Шредер (германски канцелар од 1998 до 2005 година – н.з.) во тет-а-тет разговор му потврдил оти во Европската унија ќе влезат само земјите од бивша Југославија што биле во состав на Австроунгарија и ниту една друга од поранешна Југославија! Засега тоа се остварува и што не ни е јасно нам? Како на друг начин да ни кажат дека не нè сакаат? Но, за голема среќа, засега Америка комплетно е на наша страна и за тоа треба да бидеме многу благодарни. Во моментов САД сто отсто стојат на страна на Република Македонија во спорот со Бугарија, за разлика од Германија и некои други европски земји. И тоа е добро“, додаде Јакимовски.