Доколку ДИК прифати и само дел од приговорите поднесени од партиите за процесот на гласање на 15 јули и биде организирано прегласување може да дојде до промена на бројот на пратениците кои партиите ги добија по прелиминарните броења на ливчињата.
Најголем број на приговори се однесуваат на места каде што пратеници добиле СДСМ и ДУИ на сметка на Алијанса за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Синоќа од 19:30 започна рокот од 72 часа во кои Државната изборна комисија треба да се произнесе за 2.141 приговор на партиите за сумирањето и утврдувањето на резултатите од гласањето на изборите.
Вчера 1.982 приговори поднесе Левица, Алијансата за Албанците и Алтернатива поднесоа 151 приговор, 2 приговора поднесе ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ не поднесе приговори.
Според најавите ДИК, денеска, а најдоцна утре, ќе закаже седница на која јавно ќе ги разгледа и ќе одлучува по приговорите.






