По непотврдените „информации“ дека потенцијалниот влез на Алијанса за Албанците (АА) во Влада ќе значи на партијата на Таравари да ѝ се отстапат министерствата за правда и здравство, актуелниот министер за правда Никола Тупанчевски не стравува дека ќе остане без сегашната функција.
„Ниту јас како министер ниту Министерството за правда не сме оптоварени од ваквиот развој.
Јас реков дека до последниот ден додека сме во Министерството за правда ќе го дадеме својот максимум.
Не би сакал да го коментирам политичкиот или партискиот контекст, меѓутоа дефинитивно како Министерство и можеме да се пофалиме со остварените резултати и имаме одредена замисла како да ги заокружиме претходните наши замисли во однос на подобрување на состојбите во правосудството во нашата држава“, вели министерот Тупанчевски.
Сепак, тој предупредува дека брза смена на министри не е најдобро решение:
„Не сум сигурен дека брзата промена на министри претставува најдоброто решение, меѓутоа дефинитивно не сè зависи од Министерството за правда. Многу работи зависат од фактори што не се директно поврзани, за жал или можеби за среќа, со Министерството“, додаде Тупанчески како што јавува „350 степени“.
Неофицијално, во понудата за влез на Алијанса за Албанците во Владата ќе бидат министерствата за правда и за здравство и во зависност од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ меѓу министерствата за образование, екологија и за земјоделство, едно ќе биде за Алијанса.







