Академик Катица Ќулавкова објавува ,,Потсетник” кој може да биде корисен за сите што не ги разбираат целосно сите околности околу кои се одвива бугарскиот притисок врз македонскиот идентитет.
Ќулавкова дава 8 објаснувања за различните аспекти на бугарската политика кон Македонците и дипломатски чекори кон својот сосед:
– Ако една држава покажува историски, културни и јазични аспирации спрема историското, културното и јазичното наследство на друга држава, тоа значи дека таа има територијални аспирации;
– Културно-историските аспирации се другото лице на територијалните аспирации;
– Негацијата на идентитетот на едно културно-историско наследство е, де факто, негација на националниот идентитет;
– Негацијата на националниот идентитет е негација на правото на државотворност и сувереност;
– Вклучувањето на едно невидливо малцинство (бугарското) во македонскиот Устав како државотворно, значи релативизирање на државотворната улога и статус на мнозинскиот народ (македонскиот);
– Невклучувањето на многубројното македонско малцинство во бугарскиот Устав не само што не е цивилизиран потег, туку е потврда на еден константен политички и културен хегемонизам;
– Не може меѓународно нелегитимни и културоцидни критериуми да бидат предуслов за добивање државјанство. Етничкото потекло е само еден можен, но не и еднинствен, ниту пресуден чинител за добивање нечие државјанство. Етничката припадност е прашање на лична, колективна и суверена волја, свест и традиција, а не последица на административни притисоци. Но, и таквите административни притисоци се показател за еден опсесивен сон…
– Националистичките платформи и негаторските рамковни позиции се облик на политички колонијализам. Тие се ѓаволски круг од којшто може да се излезе само со соодветна терапија, а не со продлабочување на патолошката состојба.






