Академик Ќулафкова го објаснува хаосот со македонскиот јазик

Деновиве во медиумите прочитавме вест дека Владата на Република Северна Македонија, на својата 130-та седница (одржана на 16 мај 2019), донела одлука 5 мај да биде прогласен за„Ден на македонскиот јазик“, и тоа како празник од работенкарактер. 5 мај 1945 се наведува како ден кога со Решение на Народната влада на Федерална Македонија „е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо“.



Која е пораката која се испраќа со оваа одлука? За да се даде одговор на ова прашање треба да се земе предвид севкупниот или поширокиот општествени контекст во којшто истата е донесена.

Нема сомнение дека многу одамна требаше да се донесе одлука за одбележување на еден Ден на македонскиот јазик, уште во рамки на Република Македонија во составот на југословенската федерација, евентуално по прогласувањето на независната и суверена држава Република Македонија 1991.

Исто така, нема сомнение дека македонскиот јазик е поширок поим од азбуката на македонскиот стандарден јазик од 1945, па следствено и Денот на македонскиот јазик, ако веќе така се нарекува, треба да се поврзе со постарата историја.

Историјата на македонскиот јазик евоцира многу постари датуми од оној од 1945 година кој го одбележува чинот на институционалната кодификација на современиот македонски јазик, а не и на македонскиот јазик како поопшта и посложена категорија.

2008 година, на 4 август 2008 се усвои Законот за  употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа, Закон со којшто започна поместувањето на договорените рамки/начела на Охридскиот рамковен договор од август 2001 и на уставните амандмани од ноември 2001 година.  2008 година, тогашната Влада на РМ го смени Законот за употреба на македонскиот јазик, а ја прогласи – која иронија – 2008-та  за Година на македонскиот јазик.

Оваа, 2019 година во нерегуларна, а со тоа и недемократска постапка, е усвоен нов „Закон за употреба на јазиците“, со којшто македонскиот го изгуби статусот на државен/национален јазик и доби статус на еден од јазиците на заедниците во Р. Македонија.

Јануари 2019 година е објавен во Службен весник Законот за употреба на јазиците  познат како „Закон за албанскиот јазик“, од причина што воведува радикално нов режим во употребата на службените јазици во државава и предвидува државни институции (Инспекторат, Агенција, санкции и др.) кои го унапредуваат албанскиот јазик како државен јазик (од малцински и регионален во државен), а со тоа имплицитно, па и експлицитно, најавува деградација на статусот на македонскиот јазик и дискриминација на стекнатите јазични и културни права на македонските граѓани.

Треба да се има предвид и фактот дека одлука за прогласување на Денот на албанската азбука (22 ноември, како настан од општоалбанско јазично, културно и политичко значење) е донесена десетина години порано и дека е прогласен за неработен ден, а неговата прослава се повеќе добива димензии на неколкудневен регионален политички спектакл.

Згора на тоа, минатата, 2018 година, Владата на Р. Македонија направи измени на Законот за државните награди и донесе одлука за основање нова државна награда за Денот на албанската азбука 22 ноември. Наспроти ваквите културни и политики за албанскиот јазик, оваа 2019 година, дискретно и симптоматично, не е распишан конкурс за традиционалната државна награда за наука „Гоце Делчев“, наводно од финансиски причини.

Не е тешко да се согледа, дури и врз основа на овие факти, дека прогласувањето на Ден на македонскиот јазик е поттикнат многу повеќе од прагматични политички мотиви со цел да се дефокусира јавноста од процесите на темелната ревизија на македонската држава, а далеку помалку од пиетет спрема македонскиот јазик.

Иронично е тоа што за парадигма на Денот на македонскиот јазик е земен термин од најновата стандардизација на азбуката на современиот македонски стандарден јазик, иако македонскиот јазик е стар јазик, чијшто развој се врзува за најмалку две автохтони писма/азбуки, глаголицата и кирилицата, а современата азбука е втемелена врз старословенската и црквенословенската кирилица.

Врз основа на старословенската кирилица, всушност, е вршена адаптација на азбуката, со цел да се истакнат гласовните/фонетски особености на македонските говори и истите да се кодифицираат во рамки на новите државни институции. Кирилицата со македонски предзнак има доживеано повеќе службени или неслужбени кодификации, по првата кодификација во ликот на старословенската кирилица и во рамки на кирило-методиевската традиција.

Натаму, во 19 век имаме неколку индивидуални и групни културни потфати на кодификација на македонската азбука и правопис (Тројазичникот на Ѓорѓија Пулевски од 1875 и неговата „Словенско-населенска македонска слогница речовска“ од 1880,  „Македонскиот буквар“ од Коста Групче и Наум Евро од 1888). На самиот почеток на 20 век ја имаме кодификацијата предложена од страна на Крсте Петков Мисирков (и т.н. илинденска кирилица).

Во ваков општествен и политички амбиент, не може а да се игнорираат ни асоцијациите на Преспанскиот Договор од јуни 2019, во којшто признавањето на македонскиот јазик како дел од групата словенски јазици се врзува за еден датум од поновата историја (1979 година, кога во Атина е одржана 3-та Конференција на ОН за Стандардизација на географските имиња) и го детерминира македонскиот јазик како најмлад словенски јазик. Не може да се заборави ни фактот дека токму во текот на 2019 година се водат и преговори меѓу македонски и бугарски научници за македонската културна историја и дека се можни дополнителни приговори и отстапки.

Уморни сме од релативизирање на сите вредности, морални, културни, јазични и национални, уморни сме од релативизирање на цивилизациските категории и од инсталирањето на конфузијата како владејачки принцип кој ја искривува здраворазумската логика, уморни сме од вулгарноста на теснопартиските интереси и нивниот театар на сенки.

Во навидум суверената Македонија, навидум безличните политики промовираат со години на ред, противречна хиерархија на квази-вредности кои, за жал, единствено се движат напред. Навидум цивилизираните политики ја сведоа Македонија на географски поим и на новокомпонирана политичка конструкција. Македонците повторно вратени во минатото!

Академик Катица Ќулафкова

https://kulavkova.net/den-na-makedonskiot-jazik/