Академици лингвисти со поддршка за Институтот за историја и предметот историја

Членови на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ денеска објавија реакција во врска со предлогот на министерката за образование Мила Царовска да се укине посебниот предмет историја во образовниот процес.



Целосното соопштение на ОЛЛН при МАНУ:

Имајќи го предвид местото и улогата на предметот историја во воспитно-образовниот процес на младите генерации во европски и меѓународни рамки;
Имајќи ја предвид важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културната историја на Македонија;

Потсетувајќи дека историските процеси се законити, па токму затоа треба да бидат предмет на систематско научно проучување и да претставуваат посебно наставно подрачје на образовниот процес од најрана возраст;

Истакнувајќи дека познавањето на историското минато е услов за спознавање на современата стварност и за одредување на стратегиите на развојот на секоја нација и држава, но и на одделните индивидуи;

Свесни дека е неопходна примена на нови наставни методи и алатки за усвојување на историските содржини;

Свесни за чувствителноста на тајмингот во којшто се носи концепт кој би можел да го деградира местото на предметот историја и на самата историска наука и да ја доведе во прашање автономноста на историската наука и на образовниот процес;

Ние, членови на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ искажуваме јавна поддршка на стручниот, компетентен и критички став на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со новиот реформски концепт на Министерството за образование и наука (МОН) на наставната програма по предметот ‘Историја’ во државата Македонија и се залагаме за транспарентен, стручен и одговорен однос кон историската проблематика и нејзиниот третман во сите степени на образовниот процес во нашата држава.

Академик Катица Ќулавкова
Академик Зузана Тополињска
Академик Витомир Митевски
Академик Ѓорги Поп-Атанасов
Дописен член на МАНУ Марјан Марковиќ

Скопје, 23.12.2020