„Полиција влезе во новинската агенција Нетпрес за објавен текст за тендерот во ‘Македонска навигација’“. „Кривична пријава за уредникот на ‘Инфомакс’ за објавениот записник за ‘Рекет’“. „Тројца новинари повикани на информативен разговор за објавени текстови за тендерот во ‘М-Нав’“. „Инспектори на УЈП влегоа во ТВ Алфа“. „Над 60 истраги, предистраги и процеси се водат против медиуми и новинари што не се блиски на актуелната владеачка структура“, велат од Македонска асоцијација на медиуми (МАН).
Да, ова не се случува во Северна Кореја, туку во „Северна Македонија“. Не, не станува збор за сцени од фикцијата „Среќна нова ’49“, туку за стварноста седум децении подоцна. И тоа во кандидатка за членство во Европска унија, која ситно брои до одлуката на Брисел дали конечно ќе ѝ додели датум за старт на преговорите.
На вакво ли сидро што влече напред мислеше Заев? Откако, нели, урнаа режим со пенкало, ја ослободија заробената држава и буквално насекаде „дојде животот“, остана уште да заметат во медиумите. Доста веќе некои од нив ја матат водата. Треба само да се стават розовите очила на премиерот и на неговите гавази и сè ќе ви се види како рајска градина.
Воздухот можеби е загаден (мерните станици ќе проработат, ако не оваа среда, другиот петок), но сега барем слободно се диши „са пуним градима“. По улиците повеќе нема дупки, оти по нив потече мед и млеко. Функционери на власта веќе не крадат, скраја било, а и ако им залепило рачето за пет-шеесет милиончиња, сигурно не биле за нив, ами за да ги поделат на сиромашните. А да, и за нови возила за брза помош, за ветените сто илјадарки плата за докторите, за петстотините евра просечна плата во државата итн.
Штом не се краде, значи дека и никој на позиција не лаже. Тамам работа. Најмалку претседателот на Владата (за името), па министерот за надворешни работи (за идентитетот), чувај боже, пак, вицепремиерите за економија (за тендерите и за инвестициите) и за евроинтеграции (за датумот) итн.
Ако е така, а од „министерството за вистина“ катаден ги уверуваат обичните смртници дека е, кој им дал право на грст портали и на една телевизија да се сомневаат и да го тврдат спротивното? Срам и арам да им е. А бе грев ќе ги фати со тоа упорно барање влакно во јајцето на таква идила во државата во последниве две години. Луѓено „изгинаа“ по аеродроми, хотели, на конференции, дома не се прибраа за да ни биде на сите уште поубаво отколку што ни направија досега, а од дежурните мативоди по неподобнине медиуми и разни умислени и суетни „пискарала“ саде сопки да се ставало.
Е па доста (ни) е веќе од нив. Македонија би била (уште) подобро место за живеење ако ги нема. Секој ќе си ја брка својата работа и ќе ужива во благодатите на „едно ‘опшесво’ за сите“, наместо да подлегнува на негативната атмосфера што ја создаваат неблагодарнине.
Згора на сè, ќе скокнеме и на рангирањата според слободата на печатот. Едноставно, нели, по принципот „парите не се проблем – пари нема“, нема ли медиуми што ќе прават проблеми – проблеми нема. Значи, сè е како што треба. Милина.




