Ајдини: „Погрешно е да очекуваш ЕУ да не направи држава!“

„Евроинтеграцијата не е волшебното стапче, кое ќе ја направи Македонија функционална држава, туку првин внатре во самата земја треба да се успее во борбата против корупцијата, криминалот и другите криминогени држави и таа да биде изградена како функционална држава и потоа да се стреми кон ЕУ“ – истакнува Омер Ајдини, кој е и претседател на Форумот на млади на Алијансата на Албанците, во својата колумна што ја објавува весникот на албански јазик „Коха“.



„Во последните дваесетина години никој колку нашите политичари не го има споменувано евроинтегрирањето со толкава ревност и ентузијазам, но, сепак, никој толку колку нашите политичари нема направено овој процес да стагнира и да останеме таму каде што сме, иако Македонија беше една од првите земји на Западен Балкан, која што го имаше започнато процесот на евроинтеграција. Денес, освен Косово, Македонија е меѓу земјите кои имаат најмалку надеж за брзо зачленување во ЕУ. Причината за овој неуспех очигледно има многу врска со начинот на кој нашите политичари го замислија прашањето на евроинтеграцијата.“ – смета Ајдини.

Овој колумнист изнесува став дека „за македонските политичари евроинтеграцијата е механички и процедурален процес, преку кој ќе добијат политички поени, повеќе отколку дека е процес на самоподобрување и унапредување на нашите општествени вредности“ и дополнува: „Тие политичари очекуваат дека интеграцијата во ЕУ ќе ја направи Македонија функционална држава. Не мислат дека првин Македонија треба да биде направена како функционална држава, а потоа да се интегрира во ЕУ. Нашите политичари очекуваат дека социјалниот, политичкиот и економскиот напредок може и треба да се случи само по интеграцијата во Европската Унија, никако не порано. Ова е погрешен концепт за интегрирањето во ЕУ и во голема мера ги објаснува неуспехот и доцнењето во тој процес.“

Омер Ајдини критикува дека „Македонија станала засолниште за светските криминалци“: „Во поглед на димензијата на доброто управување, која ги вклучува борбата против корупцијата и криминалот, ефикасните политики и друго Македонија има постигнато само ограничен напредок во сите овие димензии, ако не и назадување. Во последниве 20 години Македонија не успеа да стане функционална држава во борбата против криминогените појави. Напротив, случајот ‘пасоши’ потврди дека наместо борба против криминалот нашите политичари им помогнаа на криминалците од светско ниво, како што е Седат Пекер, да најдат засолниште во Македонија, давајќи им пасоши, за да патуваат слободно низ светот. Да не зборуваме и за трговијата со мигранти, трговијата и со дрога, за убиствата што се случуваат во последно време, на кои ниеднаш не им се нашле извршителите.“

Во својата колумна во „Коха“ Ајдини заклучува „Нашите политичари се стремеа кон интеграција во ЕУ, но не размислуваа да го променат начинот на управување. На многумина од нив им беше полна устата со ‘интеграциите’ додека зборуваа во телевизиските студија и на партиските митинзи. Тие не одбегнуваа да манипулираат со изборните процеси, да купуваат гласови, самите да се богатат преку корупцијата и да им се закануваат на новинарите во последните две децении.“