„До завршувањето на овој процес не можам да споделам никаква информација со јавноста, затоа што така е предвидено со закон. Кога ќе добие епилог процесот, тогаш ќе можеме да говориме, тогаш тоа ни го дозволува и законот“, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска по распитот од истражителите на Меѓународниот суд за Косово во Приштина
Тој околу 16:30 часот го напушти објектот на меѓународната правна мисија на Европската унија во Косово – ЕУЛЕКС, каде што вчера и денеска се одржа неговиот распит од страна на истражителите на Меѓународниот суд за Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според косовски медиуми Ахмети е повикан од меѓународниот суд, чие седиште е во Хаг, во својство на сведок, како еден од основачите и поранешен член на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и активен учесник во косовската војна во 1998-99 година, а поканата за интервју му била доставена во јули годинава.
Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, а кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии..






