Ахмети: Сите албански партии со СДСМ на заедничка листа на парламентарните избори, а тие да се одржат заедно со претседателските

„Сите албански партии заедно со СДСМ на заеднички листи на претстојните парламентарни избори.“ – Ова е желбата на лидерот на ДУИ Али Ахмети, која ја откри во интервјуто за ТВ21, објави оваа телевизија.



ТВ 21 пишува: Ахмети вели дека тоа е целта и на „Европскиот фронт“, додавајќи дека секоја партија има своја самостојност. „Ова е прашање, за кое мора да се разговара. Тоа не е ненадминливо прашање. Тоа не е ненадминливо разидување во ставовите. Подготвен сум за една заедничка листа. Значи, сите албански партии на една листа, денес тоа е техника.“ – укажа Ахмети.

Запрашан дали мисли сите политички партии да бидат со ДУИ, Ахмети одговори: „Со нас, но секоја партија со своја самостојност. Подготвени сме и за овој ‘Фронт за Европа’, подготвени сме да влеземе и со македонска партија, во овој случај со СДСМ.“ – потврди првиот „интегративец“.

Но што вели СДСМ, дали би бил подготвен да влезе во една заедничка листа со сите албански политички партии? Мартин Костовски, пратеник од СДСМ на ова прашање одговара: „Се уште е рано да се зборува за заеднички листи, но ние сме отворени за секаков вид на соработка. Во изминатиот период многупати е докажано дека СДСМ има најголем и најпосакуван коалициски капацитет од сите политички чинители на сцената во Р*М. Подеталните анализи и анкети од органите на СДСМ секако ќе бидат објавени околу тоа како ќе дејствуваат социјалдемократите во идниот период.“

Костовски е убеден дека СДСМ ќе ја води Владата и по редовните избори, кои ќе се одржат во 2024 година. Лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари е единствениот досега, кој јавно се изјасни дека е подобро неговата партија сама да оди на избори. Тој го образложи овој став со, како што кажа, горчливите искуства од соработките во минатото.

Лидерот на Демократска унија за интеграција Али Ахмети во интервјуто за ТВ 21 изнесе став и дека треба да се одржат заеднички претседателски и парламентарни избори. Тој истакна дека мора да има конструктивна расправа за ова прашање. Според него, има поделени мислења околу тоа дали треба заедно, или посебно да бидат одржани овие избори.

„Ова е прашање, за кое расправаме дали ќе одиме на претседателски избори сега со парламентарните избори. Но тоа е прашање, за кое треба да расправаат сите политички партии. Има поделени мислења. Некои сметаат дека треба заедно да се одржат. Други мислат дека треба да има претседателски избори, па потоа да одиме на парламентарни избори. Ова е прашање, за кое се расправа и за кое нема поларизација, туку има конструктивна дебата.“ – изнесе Али Ахмети.