Никој од поканетите лидери на партиите од албанскиот блок не се појави на денешната средба иницијатива на ДУИ, на која требаше да се одбележи 19 годишнина од Охридскиот рамковен договор.
Се појави само Али Ахмети од ДУИ кој на брифинг со новинарите рече дека замислата била оваа средба да ги обедини лидерите во заедничките цели, што ги имаат партиите.
„Оваа средба ја свикав на барање на другите партии, кои вршеа пртисок да ја организираме. Жал ми е што не дојдоа и не станаа дел од заедничката агенда. Нивното недоаѓање би сакал да не го искористат за дневно политички цели. Во пресрет сме на значајни политички прашања, ќе ги претставев сите наши ставови, предлози за решавање на проблемите. Секое решение што ДУИ ќе го понуди ќе биде во интерес на земјата и македонските и албанските прашања. Време е да делуваме со огнено срце и со ладна глава”, рече Ахмети.
Организирањето на денешната средба требало да биде во рамките на заедничкиот договор што албанските партии го потпишаа после изборите во декември во 2016 година, пренесе Макфакс.
На средбата беа поканети Зијадин Села од Алијанса за Албанците, Африм Гаши од Алтернатива, Биљал Касами Беса, Мендух Тачи лидер на ДПА.





