Неделникот „Фокус“ во текст без да наведе извори пишува дека експресните измени на КЗ, со кои се ублажуваат казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, постигнуваат неколку цели.
Прво, се врши моментална амнестија на функционери од оваа владејачка гарнитура за кои има тековни постапки и идна амнестија на оние што би се нашле под прогон по промена на власта.
Второ, се подава рака кон ВМРО-ДПМНЕ, која декларативно беше „против“, но практично обезбеди кворум за овие измени, што воедно овозможуваат амнестија и на многу вмровски функционери, главно опфатени во предмети на СЈО. И трето, се врши делумна амнестија на експремиерот Никола Груевски, кому му застаруваат повеќе дела каде се гони.
,,Воедно, откриваме дека и на претседателот Стево Пендаровски му било предлагано да го помилува Груевски во делата каде е осуден, но тој одбил таква опција. Потоа, лидерот на ДУИ Али Ахмети разработил и почна да спроведува план за спас на Груевски, во замена за помош за уставни измени, но и за правење на проблеми во ВМРО-ДПМНЕ”, пишува неделникот.






