Ахмети повикува за „помирување меѓу Албанците и Македонците“ и „заеднички Фронт за ЕУ“, оти „Кремљ поттикнува судири во Балканот“!

Претседателот на ДУИ Али Ахмети од вчерашната средба во тетовското село Челопек повторно упати повик за создавање „заеднички Фронт за ЕУ“, но овојпат и за „помирување меѓу Албанците и Македонците, како два главни народи во земјата“ – пренесе телевизијата на албански јазик Клан Македонија во својата информација со наслов „Ахмети: Да го изградиме Фронтот за Европа, да ги помириме Албанците и Македонците!“

Во својата информација Клан Македонија додава: „Колку и да е една партија етнички силна, оваа земја не може да оди напред без да биде координирана и усогласена. Моралната одговорност е посебно на двете најголеми заедници, Албанците и Македонците. Не се виновни малите заедници овде, ако ние не спроведуваме не правиме мудри политики за зближување, за обединување и за зачленување таму кај што ни е местото.“ – нагласи лидерот на ДУИ Ахмети.

Во својата информација со наслов „Али Ахмети: Се заложивме за заедничкиот фронт за Европа, бидејќи сега е потребниот момент“ информативната агенција на албански јазик „Журнал“ донесува опширни цитати од искажувањата на партискиот собир на ДУИ во општинскиот центар Брвеница во тетовскиот регион. Го пренесува ставот на лидерот на ДУИ дека тој „Фронт за ЕУ“ треба да се направи „за да не се дозволи влијанието на Истокот“.

Во овој контекст Ахмети кажа: „Ние се огласивме со заложбата за заедничкиот фронт за Европа, бидејќи денес е потребниот и решавачкиот момент да го изградиме, бидејќи го започнавме скринингот, кој завршува во ноември годинава и кој треба да продолжи со меѓувладина средба, со цел потоа да отпочне и целосното зачленување на нашата зермја во ЕУ. Затоа, треба да го направиме тој фронт за Европа, за да не го дозволиме влијанието на Истокот. Да го оставиме минатото зад нас и да гледаме кон иднината за идните генерации, па да се обединиме за ЕУ.“

Ахмети повторно се наврати на темата „Русија – Украина“ и изнесе свое тврдење дека „Фронтот за Европа“ е потребен“, затоа што „Кремљ е заинтересиран за поттикнување и активирање вулкани на судири во Балканот“.

Во поглед на ова Ахмети рече: „Некогаш и ние бевме во тешки периоди на војна, но победникот во војната станува оној, кој војува со срце. Русија без Украина е Русија, а Русија со Украина е Царство, затоа ние стоиме покрај Украина и ѝ помагаме со капацитетите, кои ги имаме. Балканскиот регион има нерешени проблеми, кои треба да се решат, но ако тоа не се случи, предизвикуваме нестабилност. Без затворањето на проблемот на Косово, ако не се затворат и кризите во Црна Гора и Во Босна, нема ниту стабилен Балкан. Кремљ е заинтересиран за поттикнување и активирање вулкани на судири во нашиот регион, затоа мора да работиме за доброто на нашата земја, да изградиме про-ЕУ фронт. Албанците и нивните сограѓани ја испратија државата во НАТО, па сега треба да ја испратиме и во ЕУ, но само со мудра и обединувачка политика. И покрај опасностите, ќе стигнеме до целта, бидејќи никогаш не сме го изгубиле патот кон некоја дестинација со добра намера.“