Kосовскиот новинар Вехби Кајтази вели дека таканаречената кумановска група која ги предизвикаа крвавите инциденти во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље, се злосторничка банда и немаат никаква врска со правата на Албанците во Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Кајтази во дебата на телевизијата Дукаѓини изјави дека пред да се случи судирот на групата со македонската полиција, во Косово дошол лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети за да побара помош од неговите некогашни соборци од Ослободителната војска на Косово (ОВК) и тогашните косовски власти, за справување со групата која почнала да оперира во Македонија.
Според него, тогашниот македонски премиер Никола Груевски го пратил Ахмети во Приштина.
„Дојде Али Ахмети, се сретна со Рамуш Харадинај и го предупреди дека една вооружена група се движи натаму, но не добил одговор. Рамуш нé слуша, нека каже дека не е така. Се сретнал и со Хашим Тачи, кој не е тука, се сретнал и со Кадри Весели и со премиерот Иса Мустафа. Сите тие барале решение, затоа што вооружена група од Косово заминала таму и предизвикувала безредија“, тврди Кајтази.
Според него, водачите на групата добиле пари, околу три милиони евра, од „македонска служба“, која не ја именува, додека некои членови на групата не знаеле во што се впуштиле.
„Тоа е злосторничка банда, која вооружена до заби заминала таму и влегла во Куманово… Да не се правиме сега опортунисти и да прашуваме дали се терористи или не“, рече Кајтази.
Вели дека акцијата на групата немала никаква врска со националните права на Албанците во Македонија. Во судирите загинаа 8 полицајци.

Најнова поврзана вест
Споменати се и водечките луѓе во ДУИ
Закани за вендета по “Канонот на Лек Дукаѓини” за новинарот кој ‘Кумановската група’ ја нарече злосторничка и терористичка банда






