Ахмети: Наш противник е ВМРО-ДПМНЕ, а не Алијанса за Албанците

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го означи ВМРО-ДПМНЕ како главен противник на неговата партија на локалните избори.



„Ние во Кичево, во Гостивар, во Тетово, се бориме со ВМРО, а не со Алијанса за Албанците“, изјави Ахмети за ТВ 21, нарекувајќи ја „брак за една употреба“ коалицијата на најголемата опозициска партија со таа на Зијадин Села и со Алтернатива на Африм Гаши: „Тоа е брак без никаква основа. Немаат концепт. Таа соработка нема иднина. Тоа е брак само за една употреба. Оваа коалиција ваква каква што е, каде Албанците гласаат против Албанци во Кичево, и на крај мислам дека ова ќе го пишува и во учебниците по историја“.

Претседателот на владејачката партија нема добри зборови за ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски направи тактички потег што коалицираше со албанската опозиција сакајќи да покаже дека не е националистичка и антиалбанска партија и ги заборави брзо навредите на опозицијата и Села. ВМРО кога е во опозиција е националистичка и антиалбанска партија, а кога е на власт не се однесува така“, смета Ахмети.

Првиот човек на интегративците му порача на предводникот на опозицијата да заборави на Кичево.

„Добро е Мицкоски кога повикува на гласање во Кичево. Да беше сега тука друг политичар на мое место, ќе употребеше националистичка реторика, но јас вечерва нема да се занимавам со тоа. Ќе му пратам само една порака на Мицкоски: ‘Нека го заборави Кичево, Кичево е наше. Фатмир Дехари ќе биде нов градоначалник’“, убеден е Ахмети.