Ахмети и Рама со антиалбански чекори, се бара Совет на лидери од сите Албански простори

„Лидерот на ДУИ Али Ахмети презеде антиалбанска активност, поддржувајќи го Еди Рама кога им се придружија на Александар Вучиќ и српската политика на Балканот во договорот за ‘Балканскиот мини Шенген’, или ‘Отворениот Балкан’. Бидувајќи му логистика на Рама, Ахмети со своето конспиративно дејствување стана ‘јаболко на раздорот’ на целата политичка сцена каде што живеат Албанците. Рама и Ахмети мора да бидат осудени и казнети на сите простори каде што живеат Албанците“ – Овие тешки обвинувања на адреса на лидерот на Демократската унија за интеграција ги изнесува Исмаил Мучиќи, аналитичар и активист од невладината организација „Хуманикос“ од Косово, по потпишувањето на регионалниот договор за соработка „Отворен Балкан“.



Ставовите на Мучиќи се изнесени во неговата колумна под наслов „Дали треба да се преиспитаат политиката и иднината на Албанците?!“, која ја објави косовскиот весник „Бота сот“.

Мучиќи пишува: „По скандалот што се случи во Скопје од тројката Рама, Вучиќ и Заев, иднината на Албанците е доведена до крстопат и е преполна со непознаници. Пошироката јавност насекаде каде што живеат Албанците е многу загрижена и лута, поради ‘Балканскиот мини-шенгенски договор’, или ‘Отворениот Балкан’, што се потпиша во Скопје во рамки на економскиот форум за регионална соработка за слободна трговија. Придружувајќи им се на Александар Вучиќ и на српската политика без согласност на Владата на Косово, Еди Рама со поддршка на Али Ахмети презедоа антиалбанска активност, која мора да биде осудена и казнета на сите простори каде што живеат Албанци.“

Авторот на колумната натаму додава: „Во овие драматични моменти кога предводи Еди Рама, време е раководството на Косово – претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти – како две личности кои народот најмногу ги поддржува, час поскоро да организираат средба со сите претставници на политичките партии, кои дејствуваат на просторите каде што живеат Албанци. На оваа средба треба да се расправа и да се анализира политичката и безбедносната ситуација во регионот, Потребно е и да се оцени соработката меѓу лидерите на институциите на Косово и Албанија, на политичките претставници на Македонија, Прешевската долина и на Црна Гора. На овој собир мора да се одредат политичките насоки и иднината на албанскиот народ.“

Исмаил Мучиќи вели дека „овој форум може да се нарече Координативен совет на албанските политички партии“ и укажува според него која би била задачата на тој Совет: „Тој Координативен совет треба да се дистанцира од тврдоглавата и деструктивна политика, кој со своите постапки помага за меморандумот за голема Србија, легитимирајќи ја политиката на српската држава како ‘петта колона’ на Владимир Путин на Балканот. Ставовите и заклучоците што ќе произлезат од состанокот на претставниците на политичките партии ќе им послужат на академиите на науки и уметности на Косово и Албанија да се разбудат што е можно поскоро од нивната успаност и да се позанимаваат со животните прашања на судбината на Албанците и нивната иднина.“

„Со своето дејствување Ахмети стана ‘јаболко на раздорот меѓу Албанците“ – тврди Мучиќи во својата колумна и заклучува: „Преку овој облик на дејствување и на организирање на политиката на Албанците насекаде каде што живеат тие ќе бидат осудени и ќе бидат казнети пантинационалната политика и постапка на Еди Рама и логистиката на конспиративното дејствување на Али Ахмети, кој стана ‘јаболко на раздорот’ на целата политичка сцена каде што живеат Албанците. Сите овие активности треба час поскоро да бидат координирани со САД, заради поддршката на единствената политика на Албанците на Балканот.“