„20-годишнината од Демократската унија за интеграција донесува прослава за сите, затоа што сакаме заеднички да го одбележиме дводецениското патување и заедничките успеси. На 3 јуни голема прослава на плоштадот Скендербег во Скопје, а на 4 јуни голема забава на плоштадот Илирија во Тетово!“ – напиша лидерот на ДУИ Али Ахмети на својот фејсбук-профил, по повод претстојното одбележување на дваесетте години на неговата партија.
Напоредно со својот партиски шеф и Артан Груби, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, еуфорично надополни на својот фејсбук-профил: „Бидете подготвени за заедничката голема прослава, за да ги одбележиме овие две децении на големи промени, кои ги донесе Демократската унија за интеграција.“
Инаку, напоредно со овие повици за прослава на „дводецениските успеси и големите промени, што ги донесе ДУИ“, во јавноста одекнаа и тонови, кои на одреден начин ја „нарушуваат“ таа предславеничка атмосфера во редовите на ДУИ и кои сигнализираат оти таму не е баш се така „розово“. На Ахмети и особено против Груби им беше испратена своевидна порака од така наречената „Огнената група“, која опстојува во ДУИ, преку редакциска статија за предизборните состојби во албанскиот политички блок, која ја објави вчера информативната агенција на албански јазик „Журнал“. Оваа агенција важи како блиска до „бунтовниците-дисиденти“ од „Огнената група“, како што се актуелниот потпретседател на ДУИ Изет Меџити, поранешниот заменик-премиер и министер Садула Дураку, поранешниот министер Блерим Беџети, Муса Џафери, кој, исто така, е авторитетен дел од влијателните струи во ДУИ, како и од други револтирани членови и симпатизери на партијата на Ахмети.
„Журнал“ вчера објави: „Огнената група’ во ДУИ е активна по последните парламентарни избори на 15 јули 2020 година, со што распределувањето на ‘владиниот колач’ за оваа група внатре во ДУИ повлијае членовите на ‘Огнената група’ да го искажат својот револт против некои нови личности, кои беа ставени на важни владини позиции од лидерот на оваа партија Ахмети. Станува збор за незадоволството искажано од пратеникот на ДУИ Изет Меџити против Артан Груби, заменикот-премиер и министер за политички систем. Но, незадоволството внатре во ДУИ не е само кај Меџити, туку во ‘Огнената група’ има многу повеќе незадоволници. Израз на тоа незадоволство е и преминувањето на Фатмир Лимани, внукот на Али Ахмети, во Движењето Беса и така натаму.“
Останува да се види што ќе се случува натаму во судирот меѓу Артан Груби и припадниците на „Огнената група“, како и воопшто внатре во редовите на Демократската унија за интеграција, во која е се поизразено барањето и други партиски ограноци и струи да бидат многу повеќе вклучени на раководни позиции дури и во самата Влада на Македонија.





