Лидерот на ДУИ Али Ахмети упатил јавно писмо до премиерот Димитар Ковачевски, во кое наведува дека министрите и функционерите на ДУИ поднесуваат оставки со одложено дејствие што е спротивно на законот.
Според законските правила ако министрите на ДУИ навистина поднесле оставка согласно законот тие треба истите да ги достават до премиерот Ковачевски кој не смее да чека туку мора веднаш да ги достави до спикерот на Собранието за тие да бидат веднаш сменети.
Во ниту еден закон или деловникот на Собранието не постои можност оставките да бидат ставени во фиока и да чекаат, туку мораат веднаш да бидат процесирани.
Дали Ахмети не го познава законот или сака да го излаже Ковачевски тој да го ги крши законите е прашање на кое треба да одговори владата.
Ахмети рече дека оваа одлука стапува на сила истиот ден кога опозицијата ќе гласа за уставните измени но според законските прописи ако оставките се навистина поднесени
на наредната седница на Собранието Ковачевски ќе остане без шест министри од владата по што мора да предложи реконструкција.
Уставот и Деловникот се недвосмислени во однос на процедурата за оставка од министер.
Членот 94 од Уставот пропишува дека член на Владата има право да поднесе оставка.
Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата. За предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница. Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада, стои во членот 94 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во членот 219 од Деловникот на Собранието пак, стои дека Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка.
Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи.
Оставката на член на Владата до претседателот на Собранието се поднесува преку претседателот на Владата. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката. Оставката на член на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците, стои во членот 219 од Деловникот.
Што му напиша Ахмети на Ковачевски?
Во јавното писмо Ахмети му пишува на Ковачевски:
Премиере Ковачевски,
оценувајќи дека нашата земја Република * Македонија е во критична фаза од нашата европска иднина,
оценувајќи дека големите одлуки бараат одговорност и политички, национални и државни жртви од секој од нас,
поаѓајќи од условувањето од опозицијата дека ќе гласаат за уставните измени, ако Демократската унија за интеграција излезе од Владата,
бидејќи сме легитимно избрани со волјата на албанскиот гласач,
бидејќи сме свесни за надежите и соништата на луѓето да станат дел од големото европско семејство,
бидејќи ДУИ со својот лидер Али Ахмети остануваат упорни во определбата дека евроатлантската интеграција, со сите права на државата, покра ј НАТО и во ЕУ, како и нескршливото сојузништво со Соединетите Американски Држави биле, се и остануваат најголем интерес на сите наши граѓани, без оглед на нивната етничка и верска припадност,
Ние, министрите и функционерите од редовите на ДУИ поднесуваме оставка од позициите и функциите, кои моментно ги извршуваме!
Премиере, оставките ќе се ефектуираат според автоматизам во оној момент кога опозицијата ќе ги изгласа уставните промени.






