„ДУИ ги има своите темели во крвта на мачениците на албанскиот народ и затоа е политичка организација, која не згаснува никогаш! Ние сме незапирливи! Нам ни претстојат уставните промени. Јас не водам политика со двојни стандарди: сум им кажал на сите македонски партии дека е во наш интерес да се изгласаат уставните измени и земјата да стане дел од ЕУ.“ – рече лидерот на ДУИ Али Ахмети денес при претставувањето на проектите на секретаријатите од разни области во партискиот огранок во скопски Чаир. Оваа информација ја објавија весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик во Македонија.
„Лајм“ пишува: Тој додаде дека и покрај нападите врз ДУИ тие говорат со дела, а не со зборови. „ДУИ е силно движење. Уште од нејзиното основање се правени обиди да биде растурена, но оваа организација нема да згасне! ДУИ ги има своите темели во крвта на идеалистите и мисионерите на нацијата, затоа не се обеспокојувајте поради нападите од болвите врз нас, што велат тие!“
„ДУИ е етаблирана и организирана како што треба со докажани професионалци. ДУИ веќе ја покрена иницијативата и иницијативата за Фронт за Европа, бидејќи имаме пред нас важни предизвици, така што ДУИ не сака поделби, туку соработка и да одиме заеднички напред кон подобра иднина. ДУИ го поддржува напредокот и така ќе остане секогаш.“ – посочи првиот човек на ДУИ Ахмети.





