Ахмети да го прочита ,,Есента на патријархот” на Маркез за да знае како може да заврши

Не би било лошо некој да му го подари на Али Ахмети романот „Есента на патријархот“ од големиот Габриел Гарсија Маркес. Не би било лошо тој да го прочита ова ремек-делот на светската книжевност, па да ја избегне судбината на главниот протагонист и да си ја спаси својата историска ролја, пишува екс вицепремиерот за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски во својата најнова колумна за Нова Македонија во која тој ја анализира ситуацијата во која се наоѓа ДУИ и пораките што ги испраќа Мала Речица.



Се подготвува ли ДУИ да ја оспори демократската волја на македонските граѓани? „Дамоклов меч“ над мајските избори ќе биде постизборното однесување на Демократската унија за интеграција. „Сигналите за рано предупредување“ укажуваат на паника во редовите на интегративците, која се одликува со враќање кон најтврдиот етнички национализам, засилени изблици на насилство (случајот „М-НАВ“) и конфузни изјави од челниците на оваа партија. Како и кај сите балкански противници на демократијата, така и кај ДУИ и кај нејзиниот лидер, Али Ахмети, забележлив е обидот да се исцрта редовниот политички процес како некаква епска битка на силите на доброто и злото. Во нивниот случај се зрачат две такви пораки дека ДУИ води митски борби, една за „внатрешна употреба“, а втората за меѓународната заедница. Кон македонските Албанци пораката на ДУИ е дека тие се гарант за Охридскиот рамковен договор и за стремежот за рамноправност на делот од албанскиот народ во Македонија. Нормално, ниту еден политички чинител во Македонија не ги оспорува постулатите дека земјата е устроена како мултиетничко општество, со посебни приспособувања за јазичните права, со нагласена верска толеранција и така натаму, но ДУИ смета дека сè уште има месо во оваа тема и дека тоа преплашување на македонските Албанци може да ѝ донесе дополнителни гласови. За нивна жал (и нагласена паника), нештата во Македонија се променети, израснати се цели генерации што ги уживаат сите права, уделот на Албанците во државната администрација веќе ги надминува и договорените бројки со принципот на „правична и соодветна застапеност“, а политиката замина во друга насока. Актуелно, во Македонија најдискриминирана група се Албанците што не се членови на ДУИ и тие посочуваат на „парадржавата на ДУИ“ како на проблем, а не како решение за нивна интеграција и влез во општествените текови. Исто така, не би било лошо некој да му го подари на Али Ахмети романот „Есента на патријархот“ од големиот Габриел Гарсија Маркес. Не би било лошо тој да го прочита ова ремек-делот на светската книжевност, па да ја избегне судбината на главниот протагонист и да си ја спаси својата историска ролја, смета Боцевски.

Втората порака на ДУИ е кон меѓународната заедница. Тие за себе велат дека се некаков пламен бранител на САД, НАТО и ЕУ во Македонија од „злите сили“ и од „корозивниот ефект“ на непријателските глобални закани. Фрчат етикети на сите страни дека нивните политички противници се проруски, прокинески, протурски, просаудиски, провакви или проонакви. Зошто ДУИ се напнува со сите сетила да оцени дали оваа порака стигнала до клучните меѓународни партнери на Македонија? Одговорот е едноставен… Од ДУИ се уплашени дека нивната предност на анкетите може да се стопи до изборите, па да им падне цената во постизборниот коалициски пазар. Како коцкар што е во паника, тие сè ставаат на картата „меѓународната заедница“ и се надеваат на реприза на епизодата од 2006 до 2008 година кога нивните закани дека се фактор за дестабилизација на Македонија доведоа до Мајскиот договор, во кој се колнеа додека не го прекршија и изгазија како небитно парче хартија. Обидот да се претстави типична балканска политичка борба во геостратегиски димензии не е ништо ново на Балканот. Многубројни тукашни самодршци својот опстанок на власта го правдаа со евроатлантските и европските интеграции, со неопходноста токму тие да го држат државното кормило за да се спречат геополитички авантури на нивните земји. За жал, долго време балканските автократи имаа публика за овие небулози, како кај дипломатиите во Вашингтон и во Брисел така и кај тамошните мненски водители, академска заедница, аналитичари, новинари и сите други членови на надворешнополитички оркестри и придружни вокали, пишува Боцевски во колумната.