Нема лошо да ѝ стане на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети на прес-конференција по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков попладнево во Собранието.
Ахмети рече декаод делегацијата на соседната земја слушнал дека за нив значајно е во нашиот Устав да биде наведено бугарското малцинство што живее во Република Македонија.
„Зборував многу отворено за ова со Петков. Ние сме целосно ангажирани да се почитува и да не му се оспорува правото на никој да се декларира, без притисок, така како што чувствува, тоа да се рефлектира во Уставот.
Мислам дека ништо лошо нема да ѝ се случи на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија.
Значајно е да се отворат преговори за зачленување во ЕУ зашто така градиме сигурна иднина.
Рамковниот договор ги има опфатено сите малцинства кои живеат овде и со сигурност со прифаќање и со значајните измени кои ќе се направат само ќе ја зајакнеме нашата држава и европските стандарди и диверзитетите“ изјави Ахмети.
За тоа да се случи треба храброст и добра волја од сите – Собранието, невладиниот сектор и медиумите, рече Ахмети, нагласувајќи дека тоа е стратегија значајна за почеток на преговорите за ЕУ.
Лидерот на ДУИ вели дека денес видел “многу голема волја кај премиерот на Бугарија ова прашање да има епилог и колку може побрзо да се изнајде заедничко прифатливо решение за двете страни“ а ние да ги отвориме преговорите за членство во јули оваа година, рече лидерот на ДУИ.






