Ахмети: „Без помошта на ЕУ тешко ќе се најде решение за застојот, во кој западнаа с.Македонија и Бугарија“

„Без помошта на Европската Унија тешко дека ќе се изнајде конечно решение за застојот, во кој западнаа с.Македонија и Бугарија.“ – овој став го изнесе лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во интервјуто, што го даде во рамки на емисијата „Балкански разговори“ на „Еуроњуз Албанија“.



На својот интернет-портал „Еуро њуз Албанија“ пишува: „Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети се надева дека коалицијата на владејачките партии во Бугарија ќе изнајде компромис, заради укинување на ветото за Северна Македонија, со цел да се одблокира патот на преговорите со Европската Унија.“

„Во емисијата ‘Балкански разговори’ на ‘Еуроњуз Албанија’, Ахмети рече дека без помошта на Европската Унија тешко дека ќе има напредок во решавањето на застојот меѓу двете земји. ‘Без помошта на Европската унија тешко дека може да има позитивен епилог на ова прашање, бидејќи тоа внатре во себе содржи голема емотивна, фолклорна и етничка оптовареност. Политиката не може да го избрише историското минато.“

„Ахмети изјави дека македонската страна ги направила своите чекори, но и оти се уште не е сигурно дека ќе има позитивен развој. ‘Видов дека новиот премиер на Бугарија е заангажиран да го затвори ова прашање, но има и многу политички партии во таа коалиција. Ние ги направивме потребните чекори, поврзано со барањата поставени од бугарската страна, но се уште нема чекор, за кој ќе можеме да кажеме дека во јуни ќе донесе позитивен епилог.’ – рече Али Ахмети.“

„Сепак, во с.Македонија се уште не е загубена вербата дека може да се изнајде конечно решение.’- нагласи лидерот на ДУИ Ахмети во ‘Балкански разговори’ на ‘Еуроњуз Албанија’.“

Инаку, во последниве денови во Македонија преку медиумите на албански јазик започнаа да се пласираат во јавноста заложби да се вклучи и меѓународната заедница во решавањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Скендер Асани, директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје и научен советник по историја, во своја колумна пласираше став дека „заради спроведување ‘булдожер-дипломатија’, за да не дојде до меѓуетнички судир во Македонија, САД и ЕУ треба да одредат свои специјални пратеници и да понудат прагматична формула, со која нема да се повредат ниту историскиот сентимент на Бугарија, ниту националниот идентитет на Македонците’, во обидот да се надмине ќорсокакот, во кој западнаа двете соседни земји“.

Со своето интервју за „Еуро њуз“ од Албанија Ахмети ја крева на повисоко политичко рамниште идејата за вклучување, односно за интервенирање на меѓународната заедница во спорот меѓу двете земји. Треба да се очекува во следниве недели тоа можеби да биде „формулата“ за некаква „комбинирана американско-европска дипломатија“ на релација Скопје-Софија.