Албанците во Македонија се државотворен елемент, а не малцинство, вели Ахмети

„Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за емисијата ‘Аргумент плус’ на РТВ 21 од Косово рече дека „Албанците се државотворен елемент во Македонија“ и оти тие ‘го сменија карактерот на државата со промената на Уставот во 2001 година со Охридскиот договор’ – пренесе ТВ 21 од Македонија.

ТВ 21 од Македонија пренесува: „Лидерот на Демократската унија за интеграција Ахмети во тоа интервју натаму истакнува: ‘Албанците имаат слободна употреба на албанското национално знаме. Ако градоначалникот го нема албанското знаме на копјето пред општината и на својата работна маса, тогаш ќе биде казнет со 5 илјади евра.“

„Албанскиот е официјален јазик. Албанците во Македонија имаат три универзитети. До 2001 година имало 160 албански полицајци, денес има повеќе од 2500. До 2001 година имало 65 офицери и подофицери во Армијата, а денес има 2000 офицери и 9 подофицери.“ – рече Ахмети, нагласувајќи дека ‘Албанците во с.Македонија не се малцинство, туку тие се државотворен елемент’.

„Ахмети во интервјуто кажа и дека ‘отстранувањето на 20-те проценти, кои се однесуваат на албанскиот јазик во Уставот е прашање на време’ и оти ‘тоа ќе се случи’. Тој рече и дека за ова сега се согласуваат и македонските партии. ‘Ова не е проблем. Разговарано е за таа тема и таа е завршена. Тоа денес не е пречка за македонските политички партии. Прашање е на време кога ќе се отвори Уставот за други промени и ова прашање е на дневен ред да се промени.’ – изјави Ахмети.“

„Во интервјуто дадено за РТВ 21 од Косово лидерот на ДУИ Ахмети ја коментираше и поддршката на македонското население за Русија, односно на дел од Македонците, за кои некои аналитичари проценуваат дека одат и до две третини. ‘Што се однесува до Македонците, тие имаа еден вид на сојуз со Србија за време на НАТО-бомбардирањето во 1999 година. Но, има и носталгија произлезена од тие преку 60 години од заедничкиот живот во Југославија. Во таа Југославија Македонците беа привилегирани, а ние, Албанците бевме угнетени. Ние бевме и ‘„ќираџии“ на својот имот.’ – рече Ахмети.“

„Тој истакна дека оваа носталгија не дозволува јасно да се види дека иднината, безбедноста, мирот и стабилноста на оваа земја е преку нејзиното интегрирање во ЕУ, како што беше интегрирана во НАТО. ‘Иднината не им припаѓа на народи, односно на политичарите, кои инсталираат нацистички и фашистички политики. Народот не е виновен за тоа. Ние ја поддржуваме украинската праведна војна и ја осудуваме руската агресија.’ – додаде Ахмети.“