„Само словото духовно е способно да го изгради мостот на почитта и разбирањето. А словото горко ја има силата да ја урне и да ја убие секоја добронамерност и пријателство. Такви слова варварски, слова прости и недоветни, ветрот на злото од исток ни донесува. Такви слова бурни, полни со црни облаци, со погубен град, со црн метеж и виулици, над чистото македонско небо секојдневно со закана се надвиснати.“ – вели митрополитот повардарски Агатангел на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во својата колумна со наслов „Македонија во европската мелница“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Во својата колумна, покрај другото, Агатангел пишува: „Крвави траги, јалова и распукана земја, угнетен народ… тоа е она што по невремето ни останало. Оние што со векови ни го криеле и ни го газеле сонцето, сега се важни и надмени портири на влезот кон Европа. Некој непромислено ги овластил со таква моќ.. Една распарчена, поделена и немоќна земја е оставена самата да се бори со сиот духовен шунд, со сета одвратна антицивилизација, која во меѓувреме го узурпирала тронот на оние вредности, што на Европа скапо ѝ ја имаат платено славата. Од овие ситни луѓе, кои се Европејци на уста, но средновековни Монголи во душа, ние како народ ништо немаме научено, и покрај тоа што повеќе од илјада години се наши најблиски соседи. Досега ни се познати само грабежи, маки и црнила.“
„И бидејќи немаат со што да нѐ збогатат, решија да пуштат во нашето ткиво уште еден смртоносен отров, па на нивниот Културен центар во Битола му ставија име на одроден фашист и си ја накитија неговата внатрешност со негови славни цитати, кои само на Гебелс и на Павелиќ им се разбирливи. И после ќе се дрзнат без срам да ни речат: ‘Ние сме ист народ. Како сме ист народ, кога ехото од вашите постапки својот зачеток го има во подземјето, во длабоките простори на темнината, каде што светлоста на нормалното никогаш не е пристигната? Ете, пред каква антикултура префинетата Европа замижува. И таа, откако свесно се откорна од своите славни христијански корени, лесно и без срам се оспособува да им ѕида споменици на духовни накази и чудовишта.“
„Но македонскиот народ и ова невреме ќе го преброди, и оваа лута рана ќе ја зацели. Трпението е наша одлика, времето е наш сојузник. Оној што не е сигурен во себеси, оној што самиот се мрази и не се почитува, тој е склон кон уцени и омраза спрема другиот. Она што сега ни го сервира бугарската држава е пример за лична слабост и несигурност на еден грст луѓе, кои на сомнителен начин се дограбиле до светска моќ, па не знаејќи како да се справат со ваквата одговорност, решиле да ја трујат душата и на својот народ, но и на оние што им се во нивното непосредно опкружување.“
„Ние знаеме дека ова не им е првпат. Паметиме добро какви сѐ не злосторства им направиле на нашите предци. Уште има живи сведоци на нивниот крвопис, кој сѐ уште нема запрено југоисточно од Пирин. Не постои град во денешна Македонија што нема споменик на нивните злодела. Илјадници мажи и жени, во цутот на младоста, прерано го завршиле својот живот при обидот да му застанат на патот на лудилото. Освен омраза, биење и секакво понижување, друго не останало во народното сеќавање од делата на нивните раце. И сега, наместо со наведната глава да се обидат да го искоренат црното семе што го посеале нивните татковци, тие, напротив, решиле да го воскреснат духот што насекаде ги вдахновувал смртта и омразата во нашата татковина.“
„Со таков полусвет денес си имаме работа. Нивната недоветност е во сјаен костим и по најнова мода облечена. Крвникот, и овој пат, го обвинува јагнето дека водата му ја заматува. Со ум и трпение и оваа неправда ќе ја надминеме. Никогаш да не заборавиме дека врз Светиклиментовото дрво сме накалемени. Ако не биле храброста и одлучноста на Свети Климента и на светите благочестиви македонски седмочисленици, немало да бидат породени ниту Свети Јоаким Крчовски, ниту Свети Кирил Пејчиновиќ, ниту Прличев, ниту Рацин. Нивната ука и поука како крв духовна протекуваат низ нашите вени. Без делата на нивните раце ќе немавме ништо свое. Ќе ги немавме ниту јазикот ниту својот идентитет.“
Home Македонија Агатангел: „Заканите на ситните Европејци на уста од бугарската држава, но средновековни...





