…Малку подолг период оставив простор без свои јавни реакции на актуелните политички случувања, имајќи надеж дека сепак македонскиот народ јасно ќе ги види замките во кои западна благодарејќи на однесувањето на оваа крајно однародена власт, која насилно и необјасниво протурка смена на името и отвори „добрососедски дебати“ со Бугарија за ревизија на нашата историја, со што го стави македонскиот народ во подредена позиција во однос на други и предизвика многу антидржавни чувства, а со тоа длабоко ги пречекори своите овластувања како извршна власт“.
Ова,меѓу другото , се вели во објавата на Фејсбук на Митрополитот на повардарската епархија Агатангел, кој беше жестоко нападнат од дел од јавноста откако на Свети Трифун упати порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да врати се’ што Македонија изгубила изминатиот период.
Министер спореди владика на МПЦ-ОА со црв и мува
„Како епископ на Македонската православна црква, секојдневно имам контакти со наши браќа и сестри кои имаат различни идеолошки и политички убедувања, и кои при нашите разговори неретко ја изразуваат својата загриженост и разочараност од потезите на оваа власт, која дефинитивно не го слуша пулсот на народот и неговите потреби, а најмалку ја гледа и ја чувствува неговата болка која несразмерно порасна изминативе неколку години.
Тој народ, македонскиот, е Црквата Македонска. Тој народ е душата на Црквата наша. Тој народ е народот за кои ние, како свештенослужители, ги принесуваме нашите молитви кон Севишниот Бог, народ за кој просиме благосостојба, здравје, среќа и напредок. Тој е оној ист народ, кој власта го запостави, му ги зголеми егзистенционалните маки, но згора на се, му ја допре и му ја повреди душата.
Мене ми е должност да се грижам за нашиот верен народ и да го заштитувам. Тој е сега ранлив и му треба утеха. Црквата е утеха. Црквата е закрила. Црквата е надеж.
И оние кои ме поддржаа овие денови, но и оние кои се изнафрлаа „дрва и камења“ по мене, длабоко во својата душа знаат дека не чинат работите. Дека нашата Македонија не оди во добар правец. Знаат сите, драги мои. И од ова повеќе нема бегање“, вели Митрополитотот на Повардарската епархија Агатангел во објавата на Фејсбук.







