Афера “Прислушување” – Жолтите комбиња на Груевски не биле шега

Екс директорот на УБК Сашо Мијалков во сведочење за судскиот процес за незаконско прислушување на илјадници луѓе, го негира обвинението според кое огромниот број илегално снимени разговори се случувале со негова контрола и наредба.



Мијалков тврди дека со соодветна опрема обучени луѓе можеле да снимаат разговори надвор од оперативниот систем на управата за безбедност.

„Ако ги снимал разговорите во УБК сведокот Ѕвонко Костовски и ги режел во Управата, можеше да се споредат тие цедеа со цедеата во УБК од посебните истражни мерки, но такво нешто нема”, рече Мијалков за изјавата на еден од тие што учествувале во прислушувањето а кој тврди дека целата работа се случувала во УБК.

„Тоа ми беше презентирано од израелска компанија за високософистицирана опрема, дека е можно следење на комуникации на мобилната телефонија надвор од Управата, преку телефонските оператори. Опремата беше составена од 3 лаптопа и една мала антена од неколку сантиметри. Таа опрема ја нарекуваат дпл, за детектирање, превенирање и лоцирање. На еден од лаптопите пред сите излезе телефонска комуникација од повеќе разговори, преку нашите мобилни оператори. На презентацијата беше и Ѕвонко Костовски”, изјавил Мијалков.

Екс премиерот Никола Груевски по објавување на бомбите во 2015 година тврдеше дека странски служби со жолти комбиња преку двојни базни станици го вршеле масовното прислушување.

Тогаш јавноста се шегуваше со оваа изјава но сега Мијалков индиректно ја потврдува.

„Таа опрема може да лоцира и други системи кои во моментот прислушуваат. На презентацијата опремата потврди дека во истиот тој момент работат други три системи за кои тие мислеа дека е тактичката опрема на МВР. За жал тоа не беа системи на УБК”, изјави Мијалков кој меѓу другото е обвинет и за злосторничко здружување.