Аџиев: Лустрацијата ја потврди и Судот во Стразбур

Поранешниот претседател на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев, даде свое видување на поднесеното законско решение со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни, а лустрираните лица ќе може да побараат надомест од државата.



Во изјава за Курир, тој вели дека поништувањето на правосилни одлуки со закон не постои и тоа е противуставно. Ваквата одлука според него да не е трагична, ќе е хумористична.

„Си има закони и процедури како може да се направи нешто такво. Замислете, утре на некој да му текне да ги поништи сите кривични пресуди и да нема осудени лица. На што ќе личи тоа? Се прашувам кои луѓе ја водат оваа држава, имаат ли читано право? Па, јас на сите им ги знам имињата, втората и третата генерација на кодошите сега се вработени во институции, па и во погорните ешалони, а некои пружаат поддршка преку невладини организации. Трагедија е за Македонија да се размислува на овој начин. Затоа не не’ примаат во ЕУ, за вакви работи, криминалот цвета. Нека му е на чест на тој што го смислил ова“, вели Аџиев во телефонската изјава за Курир.

Тој потсетува и дека за правната веродостојност на нивните одлуки потврдил и судот во Стразбур, пишува Курир.